Тричковски: Ова испадна не метла – тајфун!

Не метла-тајфун!

Ова испадна не метла, тајфун испадна, генерален ремонт на Социјалдемократскиот сојуз, кадровски промени кои по обемот и по длабочината, се без преседан во политичката историја на државата.
Успесите во соборувањето на тоталитарниот режим на Груевски и на неговата вмронска фамилија, преку смена на политичката клима која беше верификувана на парламентарните и на локланите и, еве, сега на претседателските избори, не беа во задоволителен обем и квалитет, пренесени во остварување на очекувањата и надежите на граѓаните, а капиталните пробиви на надворешно- политички план не беа успешно менаџирани како недвојбено епохални дострели на новата политика. Лошо беа комуницирани и успесите на економски план. Како резултат на тоа перцепцијата на граѓаните се смени и тие во еден дел, кој може да се смета за критичен, формираа негативно мислење за ситуацијата и за процесите во земјата. Поткрепено со не малку компромитантни работи, од непотизмот до разни бенефиции на луѓето од власта.
Имаме основи да се надеваме дека заедно со најавените промени во извршната власт, институциите и политиката ќе се капацитираат за остварување на двете главни цели: евроатлантските интеграции и подобрувањето на животот на граѓаните. Поважно од смените е кој ќе дојде на местото на разрешените. Јас од почетокот тврдев дека кадровската композиција на СДСМ е под нивото на општествените и политички предизвици и дека во остварувањето на историската мисија мора да се оди на поширока општествена база. Многу луѓе со знаење, љубопитство, страст ако сакате и некаков стаж во битката за промени во Македонија, останаа надвор од играта, некои дури се одадоа на културата на чистата деструкција.
Можеби е ова тој момент кога работите можат да се свртат односно да се инаугурира кадровска политика во која ќе доминира критериумот на компетентноста.
Нема дилеми дека Заев и партијата со овие промени демонстрираат нови стандарди во македонската политика. Не сум оптимист дека тие стандарди ќе ги следи опозицијата. Обратно, мислам дека промените ќе ги користи како аргумент за нови напади. Треба да се игнорираат во мерката во која не се политички фактор. Тие се антидржавен фактор.
И, второ, мора да се најде начин да се сменат кадровските инсталации на криминалниот режим на вмро-дпмне, кои како нагазни мини лежати и го блокираат патот на државата и на граѓаните кон подобро. Изговорите дека нема законски основи, не ги прифаќаме. Тие изговори се аргумент кој учествува во формирањето на граѓанското незадоволство од новата власт. Со повеќе имагинација и добра правна подготовка, секој што не работи или работи лошо или, дури, работи диверзии, може да лета во секое време.

ФБ статус на Бранко Тричковски 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e