Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:
-Некаде прочитав дека на саботниот митинг пред Владата на Република Македонија се собрало срцето на македонскиот народ. Сега, не може баш со некоја прецизна сигурност да се тврди дали тоа било срцето, или бубрегот, или некој трет орган на македонскиот народ, но еве да кажеме ако е во право патетичниот автор што митингашите ги споредува токму со срце, тогаш мора некој да му каже дека срцето пумпа со сѐ послаб капацитет.
Не е во прашање тука излезноста, односно бројноста на оние што присуствуваа на митингот, туку повеќе е прашање на крвните зрнца, нивниот квалитет и на вените и артериите, односно патиштата низ кои таа крв евентуално би се артикулирала.
Ако сакаме да продолжиме во стилот на споменатиот автор, тогаш можеме да кажеме дека слабокрвноста и слабиот пулс произлегуваат од фактот дека срцето се собрало и тоа не онаму каде што му е место, туку токму пред зградата на Владата. Собрано срце не создава соодветни здравствени ефекти. Тоа е повеќе метафора на исплашеност, стеснетост, скржавост… Од друга страна, ниту проширеното срце не произведува пожелни ефекти. Напротив. Отчукувањата се бавни и пулсот е сѐ послаб.
Не е познато од каде произлегуваат овие поетски вознеси кога е во прашање еден политички митинг, но со оглед дека зборовите значат нешто, или би требало да значат, секоја ваква политичко-поетска екскурзија заслужува барем бегло внимание. Имено, во богатата македонска историја на политички митинзи и бројните метафори и вдахновенија што тие ги предизвикувале во зависност од политичките сфаќања на авторот, не можам да се сетам дека срцето било употребено за споредба со масата луѓе, главно донесени со автобуси и други превозни средства од македонските пустелии.
За волја на вистината, оваа метафора, ако воопшто се користи, тогаш се употребува за иселените граѓани на оваа држава, и тоа главно последните две децении. Основана претпоставка е дека овие бранови иселеници, за разлика од печалбарите од претходниот век, се регрутираат од високообразованите кадри и од она што би требало да биде вистинската супстанција на една земја.
Целата колумна на Призма на следниот ЛИНК.