Ова сум го напишал пред една година. Истото го мислам и денес. – пишува Ѓорѓи Спасов на својот ФБ профил.
Политиката “Три И” на Мицковски
Политиката “Три И” на Мицковски подразбира Исклучувања(од партијата), Исклучивост(во смисла на нетолерантност) и Изолација на партијата и на земјата по можност.
Зошто е погрешна таа политика.
Прво. Исклучувањата од членство во партијата, како метод за казнување на неистомислениците или прочистување на партијата од лошите, е стар и глуп метод на работа. Со моќта што ја имаат лидерите на партиите доволно е оние што не ги сакаат во својот тим да не бидат избрани ниту во едно раководство на партијата ниту да бидат кандидирани на некоја од советничките листи или на листите за пратеници. Ако на таквите, лидерот на партијата престане и да им се јавува и ако тие веќе не можат да добијат било каква услуга од партијата, тие ќе знаат дека се исклучени и без формалниот чин.Тие ќе знаат зошто и нема многу да прашуваат.
Второ. Со политиката на разрешувања од функциите на неистомисленици како Митко Јанчев на пример, и на оние кои се за некаков комромис со партиите на власт околу важни прашања, партијата се догматизира. Убеденоста на Мицковски дека “човекот може се,само ако сака” е добра за евтин маркетиншки тренинг и за психолошки подготовки на децата во стилот на некој индиски Гуру. Но тоа не помага во политиката која е уметност на согледување на можното.
Неговото тврдење дека “Македонија не е мала” со образложение дека “не постојат мали и големи земји и мали и големи народи” личи на тврдење од човек кој ги пропуштил часовите по географија. Тој со таквите небулози или мисли дека “секој е голем на свој начин” или оди по умот на онаа националистичката песна од времето на Милошевиќ која на прашањето:Ко то каже,ко то лаже Србија је мала? одговараше со:Није мала,није мала, три пут ратовала”.
И трето. Догматизмот, исклучивоста,нетолерантноста, бегањето од компромис и убеденоста дека си исто толку голем како и сите други на политичката сцена, и дека се е можно да оствариш само ако тоа го сакаш, води на крајот во осаменост и изолација. Кога лидер на партија како Мицковски, ќе ја поведе партијата во таа насока таа може долго да се најде во ќорсокак. Приказната дека неа ја водат “нова генерација политичари” како Милошоски Влатко Ѓорчев и други нема да помогне за излегување на партијата од таму. И тоа ќе трае се дотогаш додека лидерите не сфатат дека без партнери во земјата и во странство не може нити да се освојува власта ниту да се владее долго. А партнерите бараат да се почитуваат и нивните мислења и интереси. Тие исто имаат принципи кои треба да се почитуваат. И секогаш ќе прашуваат зошто принципите на кои вие инсистирате ги сметате за поважни од нивните?