Има разни приказни за тоа како и во кои случаи ќе се употребува името Северна Македонија, но јас ќе ви ја раскажам најточната, онаа која досега никој не ви ја раскажал.
Името Северна Македонија ќе мора да се употребува насекаде, а најмногу дома. Кога велам дома, мислам на вистинскиот дом: онаму каде што се гледа во една точка во ѕидот и никој не може да ве види кога сте фиксирани во неа со часови, кои неретко се продолжуваат и во денови.
Онаму, тоа е дома, каде што со прстот цртате замислени кругови, планини искачувате со него, ги зголемувате линиите, така одите до бескрај, ја замислувате својата земја како го опфаќа прво целиот континент, па раширувате, трчате и скокате низ целиот стан, за да ја опкружите целата Земјина топка.
Толкава сакате да биде вашата земја, но во проклетиот Договор за името не е предвидено ниту Солун да биде ваш.
Дома е каде што сте бесни и гневни на несериозноста и непосветеноста на Зоран Заев и Никола Димитров, откако дознавате дека Солун не е ваш, го нема никаде во Договорот, едноставно, не постои, го заборавиле да го споменат.
Вие го превртувате Договорот по сто пати, земате наочари, лупа, двоглед, непробојно стакло, се што може да биде алатка за разбистрување на ситуацијата, но него го нема.
Солун исчезнал, ако воопшто и некогаш бил предвиден, р’жите бесно, сфаќајќи го сега веќе и целосно подметнувањето кое ви го сервираа.
Дома е кога собирате конзилијарно тело составено исклучиво од луѓе кои се обучени да читаат помеѓу редови договори од ваков судбински тип, форензичари, телепати, кои секако се вешти да го пронајдат Солун помеѓу ѕвездичките и фуснотите, помеѓу запирките и големите букви, кои надвиснале над никому значајните редови на тој Договор, но само буквата С е опкружена со сосема други букви, никако вашите, оние што треба да следат после С, за да стане вашиот Солун.
Проклетниците не го ставиле Солун во Договорот, и вие почнувате да се сомневате дека тоа не е воопшто случајно, ниту пак од немарност заборавено, секако.
Дома станува тоа место отсега па натаму, кога морате да се обраќате на сите што ве опкружуваат со Северна Македонија, тоа ќе биде задолжителен настан за секое семејство, уште од наутро. Со првото кафе, ќе следува химната со изговарање на новото име, после што ќе се запишува секое ново споменување и за тоа ќе се води строга и бескомпромисна евиденција.
Контролите ќе бидат ригорозни, како во книгата Фаренхајт 451, а вие точно знаете за што зборувам сега. И да не знаете, звучи доволно застрашувачки, што била и целта господа, тоа било и високата цел на тој Договор- да седите парализирани од страв што некој ви го зема најмилото- Солун, се разбира.
Проверките по домовите ќе се однесуваат дали го изговарате името Северна Македонија доволно читко, јасно, гласно, но и колкупати сте во состојба тоа да го сторите.
Ќе бидете надгледувани ако се обидете да излажете, но секако богато наградени ако тоа го правите доволно често. Најголемата награда се однесува на поседување на Солун во мислите, во нацртаните замислени линии низ ѕидовите во вашиот дом, низ полиците и се до таванот, за да стигнете се до небото, за не можете дури ни оттаму да не го имате.
Ви велам, ова е најточната приказна која јас ја знам за името Северна Македонија. Оваа приказна сега ви ја пренесувам затоа што сарказмот секогаш добро доаѓа кога имате тешки времиња, после кои следат подобри.
Ја прочитав некаде, низ социјалните мрежи, онаму каде што има голема бука и врвулица од големи Македонци и патриоти, некои од нив живеат удобно и достоинствено во друга земја, но се длабоко загрижени за името на оваа, и за тоа секако дека имаат право. Но, тие луѓе таму не знаат дека спорот кој го имаме тука мора да се реши, затоа што тој станува предолг и преголем товар за луѓето кои живеат тука, мачно, изолирано, заглавено во провалија, во безнадежност, во состојба која не може да се нарече дури ни лет во место, живеат сиромашно, несреќно. Ова е неиздржлив товар, овој живот тука кој сега го имаме.
Некои други, оние бранители на името кои десантот врз Солун и Халкидики го замислуваат мирољубиво- исклучиво како туризам, имаат право да се жестат- Солун е наш, како и да се свртат низ лежалката и да го поднаместат чадорот. Но, на над 30 проценти сиромашни во оваа земја, таа лежалка и тој чадор никогаш не им биле цел- нивната желба е трошна- дневно да се прехранат, само тоа може да ги одржи на нозе, а не лажниот патриотизам, за кој ги хушкаат Мицковски, Иванов и Груевски .
Оние бранители на името, оние со бугарски пасош не ги спомнувам, затоа што го сториле тоа што сметале дека мораат- да добијат право за она малку живот што останува, но кога станува збор за останатите, тоа право се оспорува, во име на, каков апсурд, каков парадокс, во име на висок, врвен патриотизам.
“‘Парчетеја, делетеја, пак ќе биде наша”
Но, пред да почнеме да сонуваме и халуцинираме за Договорот за името, секако ќе биде најдобро политичките елити да им објаснат на граѓаните најпрво- зошто е важно да се затвори прашањето за името, зошто е важно да се завршат преговорите со Грција.
Дури потоа да говорат што тој Договор навистина значи, какви перспективи и каква иднина отвора и зошто се става потпис во име на таа иднина која е на дофат.
Сето ова мора да му се објасни на секој што сега седи во својот дом и гледа во една замислена точка со часови, понекогаш со денови. Начинот на комуникација со граѓаните политичките елити не смеат да го прават исклучиво од телевизиските дебати и интервјуа. Треба да се обидат да тропнат на секоја врата, на секој дом, да го видат секој ѕид и секоја полица исшарани со замислените линии на “Солун е наш”, “Името не го даваме”, “‘Парчетеја, делетеја, пак ќе биде наша”.
На тие луѓе треба да им се обратат и да разговараат со нив, но не со цел да ги убедуваат, ниту да им го менуваат мислењето, ниту пак да им ги одземаат замислените граници во кој Солун го има почесното место. Само да им кажат зошто спорот со Грција за името кој траеше 27 години мора да биде затворен еднаш засекогаш.
После тоа прстите секако дека можат да продолжат да цртаат и пишуваат секакви замислени мапи, пароли, земји, ридишта и мориња. Макар во тие места никогаш не стапнале, макар тие земји ги познавале само од нивните деца, кои се иселиле од оваа земја, за таму во своите домови со прстот во воздухот да цртаат насмеани лица, додека нивните родители кои ги гледаат само на Скајп, со прстот знаат само да покажуваат по расплакани лица. Тогаш нивните деца продолжуваат, го потфаќаат од екранот прстот на своите родители и со својот прст ги дополнуваат истите тие линии кои одат надолу, се стромоглавуваат, во кои се гледаат себеси некаде таму, додека нивните се во оваа земја.
Време е за отворање на сите граници, за бришење на тие граници, онака како што Европа тоа го стори одамна, никогаш подобро време не било од сега да се дознае дека домот не се само затворените граници на четирите ѕида и прстот кој лута и замислува, а никако не може ништо од тоа да дофати.
Време е, а Солун и онака е наш, како што му припаѓа и на светот, еднакво како што и ние припаѓаме исклучиво на светот, а не на четирите ѕида од кои не може да се излезе, не може да се живее, дури ни така не се ни умира.
Биљана Секуловска
Извор: ТВ Нова