Демократските сили во Македонија не треба да стравуваат доколку претседателот на државата Ѓорѓе Иванов не го даде мандатот за формирање нова реформска и проевропска влада (план А), затоа што парламентарното мнозинство има и план Б. Засега тој е тајна, но ние како демократски сили во општеството не смееме да зависиме од плановите на партиите и мора да имаме наши граѓански планови како да се дојде до долгопосакуваните промени во земјава.
За таа цел разработивме не еден, не два туку 31 план, од А до Ш, со цел мандатот да биде даден, криминалците да одговараат, парите и демократијата да бидат вратени, а Македонија да тргне напред.
Основен белег на сите овие планови е мудрост. Но, да не должиме, еве ги најтранспарентно сите наши планови, од А до Ш:
План А
Азербејџан да биде најпријателски замолен да го задржи Хорхе за себе. Може и сосе мандатот. На тој начин ќе бидат отстранети многу пречки во развојот на земјата.
План Б
Бидејќи Азербејџанците не се будали да го задржат (веќе си го имаат Илхам Алиев), ќе мора да имаме и план Б. Веднаш по неговото враќање, целата демократска јавност да пристапи кон молење на претседателот да го даде мандатот за да се формира нова влада. Но, тоа да се прави нежно и одмерено, за да не го налутиме и да направи некоја поголема глупост.
План В
Временски немаме рок до кога ќе го молиме, затоа барем до почетокот на април, молбите да го даде мандатот треба благо да се засилат. Но, мудро и внимателно.
План Г
Го ставаме Хорхе пред свршен чин – или дај го мандатот или не давај го. Најверојатно нема да го даде, ама вреди да се проба и овој план.
План Д
Длабока и детална анализа зошто плановите А, Б, В и Г не ги дадоа очекуваните резултати и одмерено започнување на подготовките за план Ѓ.
План Ѓ
Ѓоа влегуваме во Собрание, а всушност не влегуваме туку само онака, колку да видиме како би реагирал режимот доколку парламентот проработи. Ако тоа ги прави многу лути и нервозни, ќе знаеме ич да не ризикуваме со такви избрзани потези.
План Е
Евентуално може да почне да се размислува за набавка на табли јајца, во случај да се јави потреба од фрлање кон канцеларијата на Хорхе кај Рекорд. Сепак, кон овој план сигурно нема да посегнеме пред Велигден, за да не бидеме обвинети дека директно сме го опструирале големиот македонски, а воедно и христијански празник, и дека сме предизвикале недостиг на јајца за фарбање. И Хорхе е човек и нему му е Велигден.
План Ж
#Ж е одамна готов, веќе сме длабоко во април, но навистина нема потреба дополнително да ја вжештуваме ситуацијата со уривање и на Емил Димитриев. Се ближи 1 Мај, можеби Иванов ќе нѐ израдува со мандатот на празникот на трудот. Овој план подразбра веќе ич да не му го бараме мандатот, чисто да видиме дали ќе му текне самиот да го даде.
План З
Зоран Заев излегува со нова владина програма, некаде на почетокот на јуни, и тоа уште поуставна од претходната. Чиста како солза. Воедно се испорачуваат први поконкретни закани дека ако и ова не го вразуми Иванов и тој остане на своите пречки, можно е да се активира План Ѕ.План Ѕ
Ѕвони последниот школски час, дајте да не ги притискаме и заради еден мандат да им го расипеме летниот распуст на децата. Зарем сме толкави нелуѓе да им ја одземеме власта пред децата, кога се на распуст и би требало да уживаат со своите родители.
План И
Иванов, негде кон крајот на јули, се очекува да соопши дека најверојатно никогаш нема да го даде мандатот, што нас, демократските сили, ќе нѐ принуди на радикализација и активирање на планов И, односно упатување на решителен апел до Иванов да се премисли.
План Ј
Јули е, мандат не се дава на 50 степени, така што време е за планот Ј, кој подразбира масовен јуриш кон плажите.
План К
Коваме нов, најрешителен план досега, за примена веќе од септември, кој вклучува повеќе научно-образовни активности со цел предочување на противуставноста на постапките на Хорхе на пошироката стручна јавност.
План Л
Левица бара мандатот да биде дониран на бездомник.
Целата колумна на Сашо Кокаланов објавена на Призма прочитајте ја тука