Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Блажевска за Призма:
И таа е од женски род, кога сме празнично на темата. Но, не верувам дека некој ќе стави цвет пред нејзината, од мермер извајана фигура, поставена во некој судски хол. Освен, можеби погребен венец. Двата кантара на нејзината вага во моментов се во прилично изедначена позиција. На едниот натежнува желбата за правда, на другиот – лепеза од политички интереси таа да биде избегната.
Во таква ситуација, нема никакво значење тоа што ѝ се врзани очите за да биде непристрасна. Превезот ѝ го симнуваат сите што сакаат да им пресуди „невиност“, која не е потврдена низ нејзините алатки, туку низ подметнување „исправни“ политички цели и каузи, кои по правило треба да ги прифаќаме како вредности издигнати над правдата. Додека на хартија е заштитена и цврсто устоличена, во практика е грубо дискриминирана, навредувана, нееднакво вреднувана во системот на општествени вредности.
Многумина би сакале мечот што го држи во раката да ѝ го заменат за сукало, миксер, правосмукалка, да ја сведат на традиционална домаќинка што кротко ќе мете во судскиот дел од државниот двор и на никаков начин нема да се меша во политичките штипки кои го држат криминалниот веш прицврстен на жицата за сушење.
Јустиција е класична жртва на секакво насилство, на добар пат да заврши во некој од шелтер-центрите и со слаба можност за абортус од несаканата бременост, зачната за време на насилничките акти. Плодот што таа го носи во утробата се нарекува политичка арбитража и има многу татковци. Сите тие сакаат Јустиција да ја претворат во нивна робинка, прислужничка, техничка секретарка.
Впечатокот не го поправаат ни денешните пресуди за „Титаник 2“. Би биле тие крупни искри на надеж за правната држава, кога не би знаеле дека кај последната судска постојка чека Начелното правно мислење на Врховниот суд, кое пресудите ќе ги однесе во ветер.
Јустиција е класична жртва на секакво насилство, на добар пат да заврши во некој од шелтер-центрите и со слаба можност за абортус од несаканата бременост, зачната за време на насилничките акти
Експертите сметаат дека предлог-законот за јавно обвинителство (со кој се уредени надлежностите на СЈО), не го елиминира мислењето на Врховниот суд, според кое СЈО е неовластен тужител по 30 јуни 2017 година. И дека тој закон не може да има ретроактивно дејство во оваа насока. Други, пак, тврдат дека нема пречка за ретроактивноста кога станува збор за процесна материја. Но, веднаш стигнува реплика: закон за јавно обвинителство не е процесен закон!
Koлумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ТУКА.