Самит во подножјето

Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:

Средби на врвот, таканаречени самити, се организираат во Обединетите нации. Или во Европската Унија. Или во НАТО. Или во некои слични меѓународни организации. И, се разбира, во Македонија.

Македонските самити имаат свои специфики. Тие можат да бидат во проширен состав, кога ќе се соберат на кафе таканаречените лидери на куп партии; потоа во широк состав, кога ќе се соберат лидерите на најмоќните партии од македонскиот и од албанскиот блок; во потесен состав, кога ќе се соберат Зоран Заев и Христијан Мицкоски и во најтесен состав, кога Зоран Заев ќе зборува во трето лице самиот за себе.

Инаку, во принцип, овие средби се секогаш историски и речиси никогаш не е познато зошто се историски. Особено, ако на нив не присуствува некој омекнувач, односно олеснувач од таканаречена меѓународна заедница. Тие се, евентуално, корисни за да разбереме колку ни се политичарите неспособни да остварат комуникација, барем на некакво основно или гестикулативно ниво, ако нема некој посилен до нив кој ќе биде подготвен да ги потегне за уши и евентуално да ги воспита со по некоја заушка. А, тоа, богами и не е најпријатна ситуација.

Ете, затоа, на пример ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Мицкоски, ќе одбие да учествува на дијалогот „Жан Моне“ (таму, имено, има воспитувачи), ама затоа ќе побара лидерска средба меѓу Мицкоски и Заев (каде што ќе нема воспитувачи, односно на само, што би се рекло). И што се договорија Заев и Мицкоски на средбата. Дека ќе имаме фер избори? Дека дијалогот ќе продолжи? Дека партиски работни групи ќе го чешлаат, фризираат и маникираат Законот за јавно обвинителство и ќе го скројат Специјалното јавно обвинителство? И за тоа ли беше потребна „средба на врвот“?

Во принцип, Заев и Мицкоски се договорија дека некогаш, кога ќе биде подолг денот, можеби и ќе се договорат, што, јасно, е добрата вест од овој состанок. Имено, сѐ додека тие навистина не се договорат, демократијата во земјава има некакви изгледи. Оној момент кога ќе се договорат, тогаш сметајте дека демократијата е суспендирана.

Целата колумна на Призма на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e