Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:
Радувајте се ако не успеат изборите. Ќе си живееме во нова пржинска агонија.
Додека ова го пишувам, на два дена до вториот круг на претседателските избори, ми иде да фатам џенем, оти веќе ми збоктиса по сто пати да се убедувам со оние кои од морална височина ми попуваат со теории за демократија, со резигнираност „сите се исти“, „немам за кого да гласам“, „не ти гласам“, „ни за едните ни за другите“, „не ме интересира политика“, „кој и да биде ништо нема да биде подобро“, „не видовме суштинска дебата“… Од која ли комотна позиција можат да глумат нормалност во ненормалнава ни држава? Ќе чекале тие трета опција да се појави. А ние, политички неписмените, не знаеме дека фино би било да има трета опција. Па, фино би било, ама каде е? Ај, најдете ја. Направете ја штом толку можете да го процените политичкиот момент и се разбирате во демократија. Наметнете се со својата памет и влијание. Ама и со одговорност пред сѐ.
Ама, како ќе си преземете политичка одговорност кога вие и граѓанска одговорност не преземате? Основата одговорност – да излезеш и да гласаш на избори.
Многу сте јаки на Фејсбук. Ама, замислете да не успеат изборите. Па да мораме да организираме нови. Или да се покрене постапка за уште една промена на Уставот да бираме претседател во Собранието. За да се избегне недостигнат ценсуз.
Дека ние тука сме Норвешка на квадрат, па за да внесеме малку возбуда во нашите досадни животи ќе си организираме нови избори. Нови кампањи. Ново пазарење со пратеници. Ново купување гласови во Собранието. Нови Пржински договори. Нови седенки во Клубот на пратеници. Нови уцени од ДУИ. Нови контрауцени од Зијадин Села. Ново глумење на конструктивна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ со блокирање на седниците. Нови финти на Талат Џафери. Нови фејсбук постови на Никола Груевски, почесниот бегалец од Будимпешта. Нов пржински обвинител. Нови пржински министри. Нови заменици-министри што ќе ги контролираат пржинските министри. Нови тела за следење на медиумите… Нови странски олеснувачи на „политичкиот дијалог“.
Сѐ ќе запре. Нема тендери, нема јавни набавки, нема исплата на субвенции, нема помош за ранливи и болни. Ќе запре животот. Ама ќе запре и спроведувањето на правдата. Наместо злосторниците да се казнат, со нив ќе се преговара. Оти, политичарите, наместо со нас, ќе си се занимаваат само со себеси. А ние ќе си живееме во нова пржинска агонија.
2Малку ни е неизвесноста со претседателските избори, па сега и Европската унија внесува нов вознемир. За датум за преговори, наводно, ќе нѐ ставале во пакет со Албанија.
Па нас од сите можни пакети нѐ исфрлаа затоа што имавме само еден проблем – нерешениот спор со Грција. Уште од 1991 година, кога Бадентеровата комисија на тогашната Европска заедница препорача дека само Словенија и Македонија заслужуваат признавање како независни држави. Извисивме. Поради спорот со Грција. Па во 2000 година, прво ние потпишавме Договор за асоцијација и стабилизација. Хрватите беа после нас. Ама извисивме. Поради спорот со Грција. Во 2004 година, не можевме да станеме членка на ЕУ заедно со Словенија оти реално, Словенија беше многу поевропска од нас. Ама, зошто не нѐ ставија во пакетот со Романија и Бугарија во 2007? Поради спорот со Грција. Зошто не нѐ ставија во пакет со Хрватска во 2013? Поради спорот со Грција.
Колумната во целсот прочитајте ја ТУКА.