По завчерашниот пожар во Трубарево, како и по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека подметнувања на пожари ќе има, бидејќи „одредени центри на моќ не сакаат оваа влада да успее“, новинарот Сеад Ризвановиќ предупреди дека е потребна итна акција на сите надлежни институции.
„После изјавата на премиерот Мицкоски во врска со пожарите дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следи, затоа што постојат центри на моќ во државата, но и надвор од неа кои не сакаат оваа влада да успее, треба сериозна акција од институциите. Ова не е прва изјава од ваков тип, и слушнавме изјави и од други функционери дека се работи за хибридни закани или диверзии против државата,“ пишува Ризвановиќ.
Тој додаде дека изјавата на премиерот не смее да остане без сериозна реакција. „Бидејќи се работи за премиер на државата, кој претпоставувам добива информации од безбедносните служби за овие закани, слободно можеме да кажеме дека состојбата е алармантна. После ваква изјава би било крајно несериозно да не се свика Советот за безбедност од страна на претседателката Сиљановска-Давкова, да се оформи кризен штаб и да се прогласи кризна состојба на ниво на државата за да може да се употреби и армијата,“ нагласува Ризвановиќ.
Според него, припадниците на армијата треба веднаш да го преземат надворешното обезбедување на критичните објекти, каде поголем пожар би можел да предизвика пошироки последици, како што се Скопската рафинерија и складиштата на гориво.
„Инспекциските органи заедно со полицијата треба да излезат на терен и итно да ги проверат сите отпади и складишта дали работат согласно законските прописи, да се проверат сите компании кои имаат складирано запаливи компоненти, особено хемиски компоненти, дали имаат соодветна противпожарна заштита и да им се наложи да ангажираат дополнително обезбедување,“ додава тој.
Ризвановиќ предупредува дека било каква (не)активност под нивото на овие мерки би била „крајно несериозна и неодговорна“, бидејќи постои надворешен фактор кој, како што вели, „преку еколошка катастрофа сака да предизвика дестабилизација, што претставува една од најсериозните форми на асиметрична закана и хибридна војна“.