Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
Ѓорге Иванов и Зоран Заев стојат еден до друг на платформата на Скопскиот аеродром. И молчат. Чекаат авионот на папата да се одвои од пистата да му мавнат за добар пат. Ги снима камера и ги дава на директен пренос на телевизија. Ги фаќа во крупен кадар. И тие молчат. Арно ама, процедурата пред полетување бара време. И, видоа-не видоа, некако ја прекинаа таа непријатна тишина и – прозбореа. Од тоа што можеше да се слушне од муабетот, Иванов викаше „Не, не, прескапо е тоа, стварно е прескапо“. А Заев викаше: „Мислевме да видиме нешто без пари дали ќе може“.
За што ли збореа претседателот во заминување и премиерот испраќајќи го папата? Што е тоа што е прескапо, а што може и без пари да се најде? Којзнае како заврши муабетот. Ама, видовме дека двајцата му мавтаа на авионот додека полетуваше. И тоа синхронизирано.
Ова е само една од сликите што ја одбележаа оваа историска недела во Македонија. Претседателските избори успешно завршија. Папата дојде во прва посета на Македонија. И Ѓорге Иванов си заминува од претседателската функција. Завршува најлошата деценија од современата историја на македонската држава, во која токму Иванов ја имаше историската одговорност за злото што го поддржуваше. До последниот ден од неговиот мандат.
И белким веќе ќе завршиме со историски настани. Историски преговори, историски договори, историски документи, историски судења, историски посети, историски извештаи, историски избори… Дај сега веќе од историја да се преселиме во сегашноста. Да се бавиме со животот.
Од идната недела мене ме интересира само како ќе владее Заев. И фино што си зел неколку слободни денови. Малку од дистанца да погледне каде бевме, до каде дојдовме и што треба да правиме. И со кои луѓе.
Допрва почнува неговото вистинско владеење. Ова до сега беше гасење пожари и вадење од калта. И допрва ќе го цениме дали го бива или не. Оти, веќе нема нема оправдување за калкулации. Не се сомневам дека Заев ја сфатил пораката од граѓаните помеѓу двата изборни круга. Затоа и вети метла. Дека ќе се фати за метла, ќе се фати. Ама не сум баш супер оптимист што таа метла ќе значи. Дали ќе донесе темелно чистење на системот. Или само ќе крене прашина.
Тоа сигурно не е лесно. Имајќи ги предвид непријателите што глумат опозиција, ама и сојузниците во ДУИ и особено сопартијците во СДСМ со сите бизнис, семејни и други приватни интереси. Ама, ако сака да остане во политиката и да се памети како успешен политичар и лидер, Заев ќе мора да почне да се однесува како што би се однесувал во сопствените успешни компании. Како извршен директор. Кој е способен, ќе остане. Кој не е способен, нека си бара друга работа. Имаше доволно време да види кој колку е способен и досега.
Оти, како викаше: „Ова зло никогаш да не се повтори!“. Е па, бујрум. Нека направи систем што нема да дозволи ова зло некогаш да се повтори. Од понеделник веќе ни Иванов нема да биде пречка.
Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.