Со промена на власта нема експресно да се случи ослободувањето на институциите

Мислам дека на сите ни е јасно дека со промена на власта односно менување на раководствата во институциите и државните органи, нема експресно да се случи ослободувањето на институциите.Тоа ќе се случи кога ќе се направи категоричен рез на постоечката пракса и менување на менталитетот на државните службеници кои конечно треба да сфатат дека постојат и се платени за и од граѓаните, а не обратно. Ова особено се однесува на полицијата која години наназад беше главниот инструмент за штитење на интересите на партијата на власт и нејзините функционери и соучесник во голем број на кривични дела. Попречувањето на слободите и правата на граѓаните за време на мирен протест беше еден од симптомите на режимот со кој брутално се соочувавме во нашата борба. Довербата во полицијата е изгубена и нејзиното враќање може да се случи само доколку навистина се започне со санкционирање на пречекорувањата на овластувањата на полициските службеници при вршењето на нивните дејствија.Тоа се однесува и на дејствијата што значат попречување на слободите и правата на граѓаните. Очекувам министерството за внатрешни работи сериозно да се зафати со случајот и да ја утврди одговорноста на полициските службеници инволвирани во настанот. Притоа, сметам за потребно да укажам дека доколку случајот се третира “козметички“, нема да остане незабележано со оглед дека ќе се рефлектира во понатамошното постапување и дејствување на полицијата. Мора да постои сериозна и вистинска воља да се смени културата на пресија кон секој што има спротивставено мислење од она на власта. Да не заборавиме, тоа беше карактеристика на режимот против кој заедно се боревме. Не верувам веќе во декларативни изјави за воља за справување со незаконитостите, затоа што многу пати сме го гледале тој филм и верувањето не доведе до дното. Бескомпромисноста во борбата против сите остатоци на режимот во институциите мора да се прикаже низ соодветни постапки и соодветни санкции, за сите повреди и попречувања на човековите права во земјата.

Уранија Пировска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e