Ви пренесуваме дел од колумната на Злате Лозановски за Цивил Медиа:
-Дали сте за тоа земјата конечно да излезе од крајниот стадиум на национализмот и да влезе во почетниот на патриотизмот? Тоа е клучното прашање кое го поставува претстојниот референдум пред јавноста, тест на кој се ставени граѓаните со право на глас во Македонија – пред да излезат на гласање.
На референдумот треба и мора да се гледа како на клучен момент, како ритуал на иницијација, на преобразба. Како на голема, неповторлива прилика конечно да направиме нешто за, наместо против државата. Чисто за промена. Тајно, интимно, симболично, „со пенкало“ да ја заокружиме националистичката фаза во која пропаѓа и во која е заробена државата речиси во целото свое минато, да почнеме со извлекувањето од живиот песок на шовинизмот и да стапнеме на цврстото тло на патриотизмот. Да го изгласаме како иднина на земјата. И како гарант за нејзиниот опстанок меѓу современите, цивилизирани држави во светот. Да ја напуштиме граматиката на злото во која е избришано првото лице еднина. Како зрели, совесни и одговорни личности и поединци да почнеме да користиме лични заменки (јас, ти, тој), наместо да ја злоупотребуваме множината (ние, вие, тие) за да ја маскираме сопствената неодговорност, неспособност, незнаењето, омразата и криминалот.
Ако се согласиме дека патриотизмот е пред сè одговорност и над сè пак одговорност, прво лична, индивидуална, а со самото тоа и општествена, колективна, тогаш со жалење може да констатираме дека Македонија е една од ретките, ако не и единствена држава без патриоти. Или тие се занемарливо, невидливо, речиси непостоечко малцинство. Затоа, веројатно, и не (за)личи на држава.
Во политичката теорија постојат многу и многу различни толкувања – некои од нив се и крајно конфузни, па и спротивставени – на поимите патриотизам и национализам. Според одредниците кои доминираат (и кои ми се мене најприфатливи), патриотизмот е чувство, идеја, обврска, морален став најтесно поврзан со државата, нејзиното постоење е услов без кој не може да постои. Ако нема држава, нема ни патриотизам. (Југославија е типичен пример: заедно со нејзиното распаѓање исчезнаа и ју-патриотите; или се претворија во ју-носталгичари, што не го менува исходот). Патриотизмот подразбира и припадност на одредено – свое, наше – место, култура, традиција, правила на однесување и секогаш е „за“. Свест и граѓанска одговорност за сите што живеат во таа држава, прифаќање, без разлика на вера и национална припадност. Тој никогаш не е насочен против или на сметка на другиот.
Национализмот е сè друго, поточно сè што е спротивно на тоа. Главни состојки на овој негативен облик на етничката свест се паранојата, стравот, зависта, омразата кон различните, фетишизација и лажна претстава на сопствената нација. Изграден на негирање, порекнување, на негативна селекција, на минато. Идеолошки и митски плашт зад кој се крие корупција и насилство, последно засолниште за ништожници, не само морални. Нема млак, благ или позитивен национализам, во сите различни варијанти тој е еднакво штетен. За сите, вклучувајќи ги и своето племе, народ, нација. Додека патриотот ја брани државата, националистот се брани со неа. Ја има како заложник. Таа му служи како штит, отпорен, непробоен за каква било промена, како гарант дека ништо никогаш нема да се смени. Ни во него, ни во нацијата, ни во нивниот перверзен однос. „Државата пред сè “ беше изборниот слоган на кандидатот за шеф на државата – за втор мандат – оној кој ѝ нанесе најмногу штети, кој ја стави државата „пред сè “ што правеле неговите политичко-партиски ментори. Како нивна (од)брана пред законот.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.