Одиме во Европа, сепак!

Шестотини илјади гласови не се мала бројка. И во апсолутна смисла и во однос на реалното гласачко тело, кое, сите знаеме, не е поголемо од 1.300.000. Дури и во однос на клистираниот избирачки список во кој фигурираат 1,8 милиони, живи и мртви, души. Толку и малку повеќе од првата бројка, гласаа за договорот со Грција и за евроатлантските интеграции на земјата. Вкупната излезност од 35 или, еве, нека се и малку под 40 отсто, исто така, не е за потценување, затоа што е на педесет проценти од реалното гласачко тело.

Со други зборови, резултатите даваат основа да продолжи да се менаџира постпреспанскиот процес. Во Собранието и на јавната и меѓународна сцена.

Власта не доби толку колку што очекуваше, но и не загуби толку колку што можеше, а опозицијата доби некој поен со кој, меѓутоа, не знае и нема да знае и не е можно да знае, што да прави.

Но, пропуштена е шансата граѓаните да се конституираат како европска величина, беспоговорно, и во таа модерна конституција да се извлечат себе си и своите перспективи од рацете на политичката посредуваност. Односно, ултимативно да ја обврзат.

Никогаш, никој, немал таква шанса.

Можевме да се европеизираме вчера.

До пладне.

Но, не, половина од реалното гласачко тело, малку над или малку под тоа, не е важно, одбија да го легитимираат Договорот со Грција. Тоа не значи дека сите биле против, но сеедно, сите тие, од таа другата половина, со својата пасивност, активно учествуваа во најчудовишната парада на пропуштената шанса, еве нека да не го наречеме пораз, тоа што вчера се случи.

Во таа смисла, во смисла на тоа што како заедница можевме да го направиме, без никакви други услови, без напор поголем од тој да излеземе од меките домашни обувки, резултатите се лоши. Нацијата реши да ја крене вредноста на сопствените ебиветри, лудаци, дудуци и глупаци, кои во дебатните емисии на кретенизирачките телевизии и во зеленото пазарче на законодавниот дом, ќе продолжат да и ја ебаваат мајката. Да и ја кројат судбината како колатерала на сопствените мераци. Таа судбина не мора да е задолжително гробна, но според својата агоничност, мачнина, шупливост, отровност и безвезност, може да е полоша од смртта.

Во ваква ситуација најдобро опстануваат организмите кои се адаптирани на несреќата и на бесмислата, како што човечката рипка, која во македонската пештера се одзива на имињата Керим или Љубисав или Никола или Христијан или Антонијо или Елизабета, се адаптирала на мракот.

Македонската томпсон антилопа вчера сведочеше во корист на хиените што ја јадат.

Разочаран сум, се разбира. За мене ќе беше подобро резултатите да беа полоши. Ако веќе не можеа да бидат подобри. Нацијата се определи за агоничната рамнотежа меѓу немоќта и глупоста. Јас и порано мислев да останам во вечерното школо на заостанатите во развојот. Про боно. Отсекогаш сум мислел дека еден да описменам секој семестар, е голема работа, но сега гледам дека тоа е многу малку.

Никогаш нема да ја напуштиме оваа борба, се разбира, затоа што имаме свест дека никогаш нема да заврши. Борбата, а не целта, е суштината на нашето постоење.

Благородноста и возвишеноста на таа битка не крепи.

Македонија ќе биде пристојно место за живеење.

Сепак!

И покрај сите нејзини отпори.

Бранко Тричковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e