Почитувани, кога минатата година пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ напишав дека таа партија ниту за десет години нема да биде демократска, некои пријатели ме убедуваа дека не е баш така, еве сега со ново раководство ќе се менувале работите, е како да не, па сега велат во право беше.
ВМРО-ДПМНЕ за време на референдумот од 30 септември воопшто не се придржуваше согласно нивната одлука која ја донесоа, дека на секој член или функционер ќе му биде оставено правото сам да одлучи како ќе постапи, како ќе гласа и дали ќе бојкотира. Оваа одлука ја донеле затоа што таква навигација добиле од своето членство. Но тие брутално ја погазија својата одлука и всушност таа нивна навигација била тоа што масовно работеа и агитираа за бојкот, се криеја по дупки и подруми, им се закануваа на своите членови да не излегуваат, ги малтретираа, ги снимаа, навредуваа, ги тепаа, колнеа, чудна некоја навигација. За нивните постапки треба да се формира Анкетна комисија да ги истражи сите глупости кои ги правеа и треба да се срамат, а не пак тие да измислуваат и да бараат Анкетни комисии. А на оние пак што се одважија да излезат да гласаат, малкумина на број (иако така беа договорени), мајката им ја расплакаа нивните сопартијци. Нема да ги коментираме овде сите оние закани и навреди кои им ги наредија на нивните функционери затоа што коса ќе ви се дигне на глава, но тоа зборува дека се уште во 21 век имаме работа со партија која негува една брутална и примитивна матрица на однесување. Погледнете ако не верувате колку е исплашен координаторот на нивната пратеничка група кога даваше изјава, абе човекот крв немаше во него, што све не му се случувало денот после тоа, само може да претпоставуваме. Па со нив ли ќе одиме во Европа алоо.
Исто така ако помните, Ви кажав дека ова ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицковски, овој претседател Иванов, како и некои попови со нив во друштво, ќе направат се што можат за да ја комплицираат политичката ситуација и да предизвикаат нова криза, едноставно да и го загорчат животот на Македонија, затоа што едноставно така им одговара и само така ќе можат да се пазарат за амнестија. За членство во НАТО и ЕУ, и то ги заболе. Тие имаат друга навигација. Тие активно работат и ќе работат да пропадне договорот од Преспа и Македонија да застане тука, да и ги затворат сите патишта и перспективи за напред, што ќе им е Европа кога они не се на власт, тоа е.
На Христијан Мицковски му беше дадено се што побара само за да учествува на референдумот, нешто што беше нормално да го направи. Му беше дадена техничка влада (пржински модел), што беше грешка и не требаше. Македонија воопшто не беше во никаква политичка криза туку беше пред портите на НАТО, а на Мицковски му дадовме техничка влада за да не плаче и да гласа на референдумот, иако ВМРО-ДПМНЕ десет години победуваше со нивна влада, (видовме како, во бомбите), не со техничка влада, а тој сега во првата година во опозиција доби техничка влада. Сепак не излажа сите нас и бојкотираше. Веќе на секој полека му станува јасно она што нам ни беше одамна јасно, дека Христијан Мицковски е донесен за претседател на ВМРО-ДПМНЕ со друга агенда на масата, таа агенда веќе сите ја гледаме.
Како понатаму?
Да бидеме реални, сега ситуацијата за владата е многу полесна и покомотна од онаа што ја имавме пред две три години кога бевме во опозиција. Сега овие денови едноставно треба да се пресече храбро и одлучно. Со Мицковски веќе не треба да се натегаме и не треба ништо да се договараме. Ние не можеме веќе вака, со овој однос на сили во парламентот да ја туркаме европската агенда. Се понатаму ќе биде тешко да се спроведува. Не смееме да влеземе во стапица на одолговлекување на проблемите затоа што времето не гази и постои реална можност Договорот од Преспа да пропадне. Токму затоа не гледам друг излез освен избори. Мицковски доколку одлучи да бојкотира нека му е со среќа. За тоа нема да добие поддршка од меѓународната заедница. Од друга страна пак владејачката коалиција ќе добие силна поддршка да ги тера и сама изборите ако треба и без опозиција затоа што мора да се заокружи некаде до пролет Договорот од Преспа, меѓу двете страни.
Точно е дека цензусот на референдумот не беше постигнат и од формално-правен аспект тој е неуспешен. Но исто така точно е дека во Македонија големо прашање е дали има и вкупно толку жители колку што има запишано избирачи. Тоа еден ден треба и мора да го утврдиме преку попис. Но ајде да бидеме реални, бројката од преку 600 илјади граѓани кои гласаа ЗА, е голема и силна порака која не може никој да ја негира и никој да ја оспори. Да бидеме уште попрецизни оваа бројка од 650-700 илјади граѓани кои излегоа на референдумот е всушност оној реален цензус од 50% плус еден, а не оној фиктивен цензус кој се уште егзистира во избирачкиот список. Оваа убедливо изразена волја ЗА, од сите оние кои што излегоа на референдумот е голем капитал за освојување на апсолутно мнозинство од страна на Коалицијата за Европска Македонија на веќе извесните предвремени парламентарни избори. Со една таква широка поддршка изразена во Собранието ќе имаме можност кон почетокот на наредната година да ги донесеме уставните амандмани и некаде до почетокот на пролетта и Република Грција да ги заврши своите обврски околу договорот.
Каква коалиција и треба на Македонија?
Морам да истакнам овде една работа што ја гледам и чувствувам меѓу граѓаните, тие едноставно се гневни на оваа неодговорна политика од страна на македонската опозиција и нивниот револт ќе биде уште повеќе изразен за време на изборите и мислам дека во уште поголем број од оној на референдумот ќе ја поддржат коалицијата за Европска Македонија.
Исто така би сакал да кажам дека добра е идејата, односно немам ништо против сите партии кои гласаа и го поддржаа референдумот да застанат во една голема коалиција, македонски и албански, сите заедно. Немам ништо против но за жал мислам дека во овој момент тоа нема да донесе подобар резултат. Се уште нашето општество не е созреано по многу прашања. Тоа ќе го искористи оној друг блок партии кои ќе ја обвинат таа коалиција дека освен што го менува името ќе спроведува и Тиранска платформа и со тој вознесен и измислен национализам можеби ќе влијае или ќе поколеба многу луѓе кои се искрено за влез во НАТО и ЕУ и кои сакаат подобра иднина за својата земја. Токму затоа мислам дека оваа идеја, со една коалиција на сите, во овој момент нема да го даде посакуваниот резултат. На изборите треба да излеземе од една страна оној македонски блок, онаа голема коалиција предводена од СДСМ, заедно со дваесетина други партии која реално може да се бори за освојување на 56-60 пратенички места, а од друга страна оној блок од Албанските партии кои ќе се борат за гласовите на нивниот електорат. На крајот ќе се преброиме. Според многу анализи кои се прават овие два блока можат заедно да ја достигнат потребната бројка од 80 пратеника, односно потребното мнозинство за продолжување на процесот околу реализација и имплементација на договорот од Преспа и наше интегрирање во НАТО и ЕУ. Тој парламентарен состав ќе успее да ја внесе Македонија во НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ.
Да, време за губење нема. Сите ние и целата наша земја, како и меѓународната заедница, посакува овие неколку дена да може да се договориме и уставните амандмани да почнеме да ги реализираме во Собранието ама не верувам дека ќе дојде до некаков договор, тоа е многу тешко поради познати причини. Едноставно си имаме работа со луѓе кои имаат сосема друга агенда од нашата, со луѓе кои се навистина на погрешната страна на историјата. Ама тоа е, избори нема друго.
м-р Глигор Стоименов