Шпанија го ратификува пристапниот протокол за членство во НАТО. Како новинар и уредник на Македонија Денес, Денес и ЗУМ магазин 10тина години го покривав НАТО и мора да кажам дека ова и и премногу добра вест за Македонија за да не се израдувам со неколку збора. Признавам тогаш погрешно прогнозирав дека ќе станеме членка за 5-6 години. Но и после толку долго време, во кое сите политички партии и организации во Македонија површно се залагаа и информираа за НАТО, и денес среќавам луѓе ( татко ми) кои имаат само летимични информации за тоа што значи членството.
Освен славниот член 5 за колективната безбедност ( еден нападнат сите се нападнати) НАТО, особено после Вашингтонскиот самит 1999 односно, после крајот на студената војна е палета и на други системи, што на земјите членки им овозможуваат колективен напредок. Еве неколку: ВОЕНИ: заедничка одбрана на воздушниот простор, одбранбен систем од балистички ракети, , заедничка одбрана од оружја за масовно уништување, Сајбер одбрана, одбрана од тероризам. Одбрана од хибридни закани… ЦИВИЛНИ и ЕКОНОМСКИ: Менаџирање на кризи, асистенција при избеглички и мигрантски кризи, логистика, МЕДИЦИНСКА поддршка, Метеорологија, заеднички НАТО нафтоводен систем NATO Pipeline System (NPS), стандардизација, заедничка јавна дипломатија вклучувајќи заеднички контакт-поинт амбасади на земјите партнери, координирани односи со сите светски организации вклучувајќи ги – ОН, ЕУ, ОБСЕ, АТА и ЈАТА…, соработка во областа на науката и технологијата, безбедност на енергенсите и енергетиката…
Во сите овие области Македонија станува корисник, контрибутор и партнер. Всушност НАТО е политичка организација и клучниот столб на безбедноста на западната хемисфера, а Македонија стана земја членка, рамноправна.
„НАТО еконмскиот ефект“ што е нова кованица во економската теорија го има следново значење. По членството во НАТО Естонија и Латвија имале ГДП раст од 6.5 на 9.5 и од 8.7 на 10.6. Слично е и во Словенија Бугарија и Литванија. Во Бугарија по членството странските директни инвестиции станале 7 отсто од ГДП, а 5 години подоцна 19.7 отсто. Самиот ГДП пораснал од 3.6 на 6.8. Во Чешка странските инвестиции по 1999 година растеле за по 5-6 милијарди евра.
И да си кажам – искрено се израдував на долгоочекуваната вест од Шпанија. Всушност тоа се вести за просперитет на нашите деца и на земјата.
Масимо Д’Алема, славниот италијански премиер (постарите ќе се сетат) во еден свој такст објавен по вашингтонскиот самит со наслов “Новиот НАТО за нова Европа“, на кој се потсетив денеска и мислам дека го формира моето мислење за НАТО, аргументира дека НАТО и ЕУ ги помирија сите завојувани страни во Западна Европа, особено по падот на берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија и вклучувањето на Чешка, Словачка, Унгарија… Тоа е и главниот успех – соработката на европското тло. Кон тоа целиме – нели?
Ајде, останува уште ЕУ. Овој пат не прогнозирам ама се надевам – за 5-6 години.
ФБ статус на Валентин Нешовски