Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов за „Независен“:
По којзнае кој пат, во Македонија во полн ек е поделба на јавноста околу една наметната дилема: кој е за Специјалното јавно обвинителство и за Катица Јанева, кој е за новиот закон за јавно обвинителство по партиски образец озаконет со политички договор. Преведено на обичен јазик тоа значи – кој е за тоа правдата да ги стаса недопирливите високи функционери во врват на политиката, на власта и на центрите на моќ, а кој е да продолжи непречениот грабеж на граѓаните и на државата. Или, кажано уште поедноставно – кој е за слобода и неказнивост на криминалците, а кој за тоа тие да завршат во затвор и да им се конфискува украдениот имот. Ако вака се постави прашањето, ќе нема поделби и потреба од стотици страници неразбирливи параграфи и сложени манипулации, конфузни игри на зборови за да се разводени успешниот почеток на функционирање на судството и на правната држава со постојните закони.
Огромното мнозинство чесни граѓани е изложено на силна политичка пропаганда како да станува збор за катаклизма, а не за спасување на мафијата која управуваше повеќе од една деценија со државата. Најдобро засолниште на носителите на организираниот криминал, на корупцијата, на нарушување на човековите права и слободи, на изборните измами, на подривачите на општествено-економскиот поредок, стана партиската борба за владеење на правото. Заглушува и оќоравува ѓурултијата што се крева на сите страни, за владеење на правото. Македонија е земја со најгласна определба за почитување на законите, а со најмалку затвореници од политичкиот врв кои се носители на организиран криминал, корупција и други тешки кривични дела. Сите осомничени бараат правда, ама каква што тие ќе ја одредат, а не судот. Сите осудени и обвинети функционери се невини жртви на политички прогон.
Целата колумна на „Независен“ на следниот ЛИНК.