Бугарите само го препознаа историскиот момент, кога и светските и европските и нашите домашни вмровски братја веслаат низводно, следејќи го бранот на 21-вековните новофашистички климатски промени. Како човек да им замери на историскиот опортунизам?
Ја изгледав повеќепати матната црно-бела снимка, искорната веројатно од старите воени филмски новости, од седница на бугарскиот парламент, пролетта 1941 година. Претседателот на собранието го најавува обраќањето на премиерот Филов по повод „заземањето од страна на бугарската војска и администрација на новоослободените бугарски земји“. Се пробива Филов низ екотот од еуфоричното одобрување на народните пратеници и говори: „Целиот бугарски народ денес гледа како се остваруваат неговите идеали за создавањето на една моќна и обединета Бугарија, од Дунав до Белото море и од Охрид до Црното море!“ Ураа, ураааа, го прекинуваат пратениците говорот, додека од френетичното аплаудирање и хорското ура на делегатите буквално се тресе и камерата и целото собрание. Премиерот зема здив и продолжува: „Бугарскиот народ секогаш ќе искажува најголема благодарност и големо признание кон силите на Оската и кон нивните големи водачи Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го остварија обединувањето на Бугарија. Овие чувства ќе се особено силни кон Германија, чии војски дејствуваа во Македонија и во Беломорието и кои на тој начин беа непосредните ослободувачи на овие бугарски земји“. Урааа, ураааа, татни снимката до задушување и затемнување.
Се разбира, не сум во можност да ја проверам автентичноста на снимката, но претпоставувам дека – како и во случај на современите вмровски фашистички свињарии – бугарските реакции на доказите за нивната страсна плотска љубов со фашизмот би биле дека се работи за „сечени, лепени и монтирани снимки“. Речиси неверојатно, но гледајќи ја снимката, комбинирана во мојот напатен мозок со скорешните бугарски инсистирања дека нивното „администрирање“ со македонските територии од 1941 до 1944 година не само што немало никаква врска со фашизмот, туку дека и поимот „окупација“ може да биде употребен само како злосторничко-комунистичка пропагандна лага за разгорување на антибугарската омраза кај нас неосвестените македонски Бугари со испрани мозоци и србизиран и искварен (прекодификуван) бугарски дијалект; велам, гледајќи ја снимката, во свеста не ми се разбуди некаква јасна мисла, или револт или што годе умно и пригодно, туку ми изби еден многу стар бугарски виц, што очигледно самиот си го прокрчил својот пат од темнините на мојот заборав.
Целата колумна на Мирослав Грчев за Слободен печат на следниов ЛИНК.