Душица Мрѓа е собраниски извест увач која најмалку 15 години од Собранието известува секојдневно. Вели дека од „авион“ се гледало дека тој ден ќе биде поинаков, бидејќи целиот ден се чувствувало нервоза и тензија. Душица се наоѓала во прес центарот кога упаднала толпата.
Прво ги забележала маскираните насилници и впечатокот веднаш бил дека точно знаеле каде одат и кого бараат. Известувала преку телефон во програмата во живо. Добила неколку удари по главата и повреда на
рамото.
„Веднаш ме удри адреналинот. Барав каков и да е начин да стапам во контакт со ТВ 24 за да известам што се случува. Како напредуваше лудилото, така се зголемуваше и стравот. Не бев одговорна само за себе, туку мислев и на мојата екипа од ТВ 24. Знаев дека колку сум јас погласна и подетална во етер, толку шансите да се преживее
се поголеми за сите. Тоа што демонстрантите и насилниците ме препознаваа од екраните за мене беше дополнителен хендикеп.
Предавничка, сороспија, слуга на Заев, шиптарска курва беа само дел од навредите со кои ме „почестија“. Ме удрија од ѕид, добив толку јак удар по раката што рамото и ден денес ме боли. Добив и удар по
лицето. Кога побарав помош од член на собраниското обезбедување за Наташа Стојановска, која ја затворија во една сала сама со четворица демонстранти, добив одговор „Не можам ништо да направам“. Локвата крв од лицето на Зијадин Села со ноќи ме прогонуваше.
Пред да пукнат димните бомби во прес центарот, на снимка на Фејсбук се гледа дека сум опколена и како со сета сила се обидувам да истуркам еден од насилниците, викајќи му дека не можам да дишам. Пред да влезат специјалците за да не извадат, јас навистина се гушев. Тогаш помислив – готово е, жива не излегувам оттука. Три години подоцна
вивидно го паметам секој детаљ од „Крвавиот четврток“. Мојата порака е дека ако нема правда за таа крв, нема никогаш државата да има мир. А селективна правда, надградена проширена со селективна амнестија не е правда. Јас не заборавам и не простувам, затоа што таа ноќ државата беше спуштена на колена, а сите ние линчувани“.
Пораката од овие сведоштва укажува на тоа дека државата за влакно избегна историска катастрофа од која никогаш нема да можеше да се опорави, а жртвите ќе беа многу поголеми, и никогаш не треба да се заборави за да не се повтори.
Извор: Нова Тв