Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Блажевска за Призма:
-Изреката Nomen est omen, во превод – името е судбина, сoсема се потврдува во случајот на Матка. Откако британски „Гардијан“ во 2016 година го вброи нашиот кањон меѓу десетте најубави кањони во Европа, ние се обидовме да направиме сѐ за да ја релативизираме таа класификација. Овој величествен кањон одамна никој не го третира со големо „М“. Името му е сведено на форми од несвршениот глагол – матка. Какво име, таква судбина.
Глаголот „матка“ има преносно значење на одолжување и одложување (пример – се матка без да ја заврши работата), често означува дејство со кое се прикрива отсуството на волја за вистинска акција или означува безделништво (со денови се матка лево-десно). Матка е име и за женски репродуктивен орган (uterus), но сега сме многу далеку од симболиката дека таму се создава плод на некаква љубов и почит кон убавините на природата. Освен, можеби тумор на матка. Металната грдосија обложена со штици индицира токму такво нешто.
Помина доста време откако на Матка израсна таа дива платформа, а неколку надлежни адреси секој ден нѐ убедуваат колку се посветени на решавање на проблемот. Нивната презентација по прашањето кој какви надлежности има за тоа прашање, практично изгледа вака:
Во еднина: Јас маткам/ Ти маткаш/ Тој матка.
Во множина: Ние маткаме/Вие маткате/Тие маткаат.
Koлумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ТУКА.