Одамна е познато дека криминалците се секогаш еден чекор пред силите што се борат против криминалот. Меѓутоа, кога криминалот го вршат луѓе од врвовите на власта, кои успеале да ја узурпираат државата и да ја стават во функција на одбрана на осомничените и оптужени за криминал, се чини како да се недостапни за правдата.
Тие тужат и судат секого на кого ќе му се намерачат, а обвинителствата и судовите се слепи за нивните недела. Со нивна контрола на врвовите на целиот правосуден систем го оневозможуваат и процесуирањето на кривичните постапки што ги покренува и СЈО, за чие формирање и самите се согласија. За остварување на таквата цел не се стеснуваат да ги „впрегнат“ дури и Претседателот на Републиката и Уставниот суд, вовлекувајќи ги во злосторничкото здружување како соучесници.
Кога не им се остварија желбите и надежите повторно да формираат влада и од таа позиција да го избегнат соочувањето со правдата, се впуштија во опасна игра. Без било каква правна основа за да го спречат формирањето на нова коалициона влада меѓу досегашните опозициони партии и албанските парламентарни партии со денови мобилизираат илјадници членови на партијата и друга клиентела да ја бранат Македонија. За таа цел ја искористија Платформата на Албанците како „четиво“ со кое се загрозува унитарноста на државата, а тие што ја создале, според оптужените, не смеат да се најдат во владата. Наводно, тие ќе ја редефинираат државата, ќе ја трансформираат во бинационална или во федерална држава, а Македонците ќе ја изгубат државата.
Зад инфантилноста на овој пристап стојат интересите на осомничените и оптужените за криминал. Ним не им одговара мирниот трансфер на власта, се‘ додека можат, со манипулирање, уцени и поткуп, да ги заостаруваат тензиите меѓу Македонците и меѓу нив и Албанците. Се случува она што никој нормален не можеше да го претпостави. За да ја спаси сопствената кожа и на фамилијата, Груевски ја отпочна последната партија покер во која влог е народот, државата, а тој мора да се „вади“. И тоа се вади на многу валкан начин, гостува по медиуми, шири психоза и подбуцнува народ на улица, „државата ќе ја нема, ако дојде Заев на власт“, „единствено народот може да ја одбрани државата“, „ има многу народ на улици, но треба уште“.
Целата колумна на Крсте Шајновски за Фактор прочитајте ја тука