Освен критики за справување со пандемијата, нема предлози за нови мерки, има само додворување на антиваксерите. Нема ништо конкретно и за енергетската криза, оти енергетичарот проф. Мицкоски знае дека тоа што е испуштено во период од 40 години, со неизградба на ниту еден голем енергетски капацитет, не може да се надомести со избори, или со еден мандат на власта. Нема ни волшебни формули за надминување на економската криза, освен нереална „издашност“ за зголемување на платите, која некаде оди и до 90 отсто. За почеток на преговорите со ЕУ веќе не се ни зборува, бидејќи тие нема да се случат, според проценките на евроскептиците од ВМРО-ДПМНЕ сѐ додека тие не дојдат на власт. Членството во НАТО е банална тема, кое се случи само по себе заради предавството со промена на уставното име на државата и од кое според воено партиските стратези нема никакво фајде.
Со ваква стратегија планот од кројачницата на Мицкоски, наместо брзи предвремени избори, може лесно да открие дека нема доволно „штоф“ ни за елече. Ако некој не знае каде да оди, ниту еден ветер не е поволен. Избори само со мотиви да се дојде на власт, без одговор за главните прашања со кои се соочува Македонија, е драгоцено, напразно изгубено време. Нема друго решение освен да се седне на заедничка маса и да се постигне согласност за клучните државни интереси. Тоа е тоа единство на кое сите се повикуваат, ама различно го разбираат. Само заедничките ставови и мудроста на одговорни политичари може да го означи излезот од политичката и економската криза. Уметноста на компромисот е највисокиот дострел во политиката ако не сте светска велесила. Такви примери има повеќе во светот. Треба малку и да се учи од другите кои го поминале тој пат.
Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.