Кому му пречи ЗНМ?

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

-Беше големо задоволство да се присуствува на Изборното собрание на ЗНМ викендов во Скопје. Новинарската асоцијација израсна во зрела невладина еснафска организација од којашто нејзините над 700 денешни членови, најмногу од основањето во далечната 1946 година до денес, можат да бидат, најблаго речено, задоволни, ако веќе не и горди.

Додуша, односот кон Здружението можете да го градите врз основа на тоа дали ви се допаѓал или не досегашниот претседател во два мандати Насер Селмани, но ако успеете да се издигнете над таа лична и, повремено, суетна основа, тогаш објективните оценки се неспорни: денеска ЗНМ е влијателна професионална организација со консолидирана институционална позиција, со функционални колективни органи за управување, самоодржлива и во програмска и во финансиска смисла. За тоа, ви се допаѓало или не, е заслужен и тој Селмани, таков каков што „криво саден“ го знаеме. Веројатно најмногу.

Ова е особено значајно, бидејќи предизвиците во последните десетина години за новинарската професија и за медиумскиот систем во земјата, воопшто, беа… Да не должам, знаеме какви.

Собранието помина во најдобар ред: полна сала од членови и гости, поздравни говори, наративни и детални финансиски извештаи, полемични дискусии, процедурални забелешки, критики и пофалби… За збор се јавија и некои колеги кои, со оглед на минатиот труд на нивните медиуми во режимот на Груевски, можеби ќе беше попристојно да си молчат, но сите во салата трпеливо ги ислушавме.

Имаше и неколкумина колеги кои не платиле членарина, а сакаа да бидат прифатени како полноправни учесници на Собранието, но правилата за ова Изборно собрание беа јасни и одамна објавени (а потоа и многупати потсетени): за да можете да гласате, беше потребно да се подмири членарината до пет дена пред одржувањето на собирот. Ферски.

Се пријавија многу кандидати за колективните тела и двајца колеги, угледни новинари, во натпревар за претседателската функција на Здружението – и Столе Наумов и Младен Чадиковски се потрудија во прилично детали да ја изложат својата визија за тоа како би го воделе ЗНМ во наредните четири години. Чадик ми се виде потрадиционален во своите заложби за продолжување на идната работа на ЗНМ, додека Столе делуваше поинспиративен и расположен за обид во некои нови форми и содржини за ангажмани на Здружението, но обајцата ставија неподелено добар впечаток.

Потоа следуваше долго, добро организирано гласање, со неколкучасовно пребројување на гласовите, додека се вкрсти секој глас за секоја поединечна управна и извршна функција во органите…

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e