Компромис ЗА европска иднина

Секојдневното живеење се состои од бројни компромиси, во семејството, со пријателите, со роднините, со другарите, со колегите. Компромисите се прават за да може да се живее со што помалку конфликти, но од друга страна мора да се оди напред во меѓусебните односи.

Компромисите каде се засегнати поголем број на луѓе се болни, бидејќи има многу повеќе кои се незадоволни од истите, такви компромиси се и оние кои се однесуваат на државата и државните интереси. Кога се прават ваквите компромиси мора да се гледа во иднината, не во сегашноста, а уште помалку во минатото. Еден таков компромис претставува и Спогодбата за решавање на проблемот кој го има Грција со нашето име. Овој компромис е со горчлив вкус, бидејќи боли и неможеш да останеш рамнодушен. Боли фактот што мора да има промена на уставното име на државата, боли бидејќи ова е наметнат и ирационален проблем, но сепак мора да се направи некаков компромис за да имаме светла иднина. Овој проблем ни беше наметнат уште од само осамостојување на Македонија, ние како држава започнавме од позиција дека ќе бидеме признаени од меѓународната заедница откако ќе го смениме името, а во кое нема да се содржи зборот Македонија (заклучок од Лисабонскиот самит на ЕУ во 1992 година), пополека почнавне да ја подобруваме нашата позиција и дојде до потпишување на Привремената спогодба со која ни беше овозможено да влеземе во ОН под привремената референца ПЈРМ и да бидеме признаени како независна и самостојна држава. Низ годините напредувавме, многу земји не признаа по нашето уставно име, но сепак дојде моментот кога мораше да се направи компромисот, бидејќи нашата меѓународна позиција драстично беше нарушена после промената на името на аеродромот (26. 12. 2006 година) и проектот Скопје 2014 со тоа почнавме да ги губиме нашите позиции и нашите традиционални пријатели. Сега беше вистински момент да се изнајде заемно прифатливо решение за овој долгогодишен проблем, за да успее да се најде заемно прифатливо решение мораше да се изнајде компромис со кој двете страни поеднакво се незадоволни. За да се дојдеше до компромисот ние моравме да остапиме од нашата тврда позиција за неменување на Уставот (ако не остапевме ќе немаше договор), од друга страна пак Грција отстапи од нивните позиции околу идентитетските прашања јазикот и македонскиот идентитет (ако не остапеа ќе немаше договор). Од почетните позиции кои беа на почетокот на овие завршни преговори во ноември минатата година Грција повеќе отстапи, но нашата отстапка е многу поголема. Спогодбата е направена врз компромис помеѓу Македонија и Грција, со кој со географска придавка се разграничуваа нашата држава Македонија и нивната област, а со тоа двете страни го добиваат она што најмногу им беше битно. Тие добија ergaomnes решение (нивна главна позиција), а ние добивме име одвоено,  преведено на сите јазици, добивме признаен македонски јазик преведен на сите јазици (macedonian) и признаен македонски идентитет. Овие работи се регулирани со членовите 1 и 7 од Спогодбата.

Спогодбата не го регулира само решението на спорот туку во него е регулирана и опфатена и идната соработка помеѓу двата соседа (од 20 страни, 15 страни е посветено на меѓусебната соработка). Со Спогодбата ние добивме и отворена врата за посветла иднина, иднина во која ќе бидеме дел од ЕУ и НАТО, ќе можеме полесно да пристапиме до сите придобивки од членството. Самото членство во НАТО носи мир, стабилност, просперитет и зачувување на границите, додека пак членството во ЕУ ни носи пристап до ЕУ фондовите и до европските парични средства, кои средства ќе се искористат за реформите на нашето општество (реформи во правосудниот систем, безбедносниот систем, администрацијата, економијата, образованието и здравството). Со европската помош ќе може многу брзо да ја подобриме инфраструктурата, да изградиме нови градинки, болници и училишта. ЕУ ќе овозможи огромни придобивки во земјоделието, ќе се зголемат субвенциите (Бугарија годишно дава 1 милијарда евра субвенции од кои 800 милиони евра се од ЕУ фондови), ЕУ ќе ни овозможи подигнување на животниот стандард и зголемување на БДП на годишно ниво. Со членство во ЕУ и НАТО драстично ќе се зголемат инвестициите (Бугарија во 1994-95 кога го започнале нивниот предпристапен процес имала инвестиции од само 56 милиони евра, за да во 2016-17 има 1,2 милијарди евра инвестиции). Ќе добиеме на владеење на правото, корупцијата ќе биде намалена. Но, за мене најголема придобивка од членството во ЕУ ќе биде што нашите млади нема да трчаат по шалтерите во други земји за да извадат пасош на туѓа држава, за да можат обезбедат егзистенција, туку ќе си имаат пасош на својата родна држава и ќе можат слободно да патуваат насекаде во ЕУ.

Нема друга алтернатива за иднината на Македонија, освен членството во ЕУ и НАТО, поради сите наведените придобивки ќе може да живееме со овој компромис со горчлив вкус и да напредуваме како општество во сите сегменти.

Ова е историска шанса за да имаме светла иднина за сите заедно, и затоа на 30 септември масовно да излезаме ЗА европска Македонија.

Зоран Анѓеловски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e