Кој има интерес за етнички тензии во Македонија?

Кој има интерес за етнички тензии во Македонија? Па оние кои сакаат нови граници на Балканот, кои сакаат нова поделба на карти затоа што ги потрошија своите џокери, оние кои уште сонуваат за големи држави! Сетете се и на тоа дека децениското владеење на груевизмот, чија карактеристика беше рушење на темелите на државата, историски најобемен криминал и суспендирање на владеење на правото, беше одмолчено од МАНУ.

Одмолчувањето на катастрофалното владеење од оние кои треба да бидат некаква елита на ова општество значи и одобрување на таквото владеење. Исто така, не ги заборавајте сите асистенции од МАНУ да Груевски на нашата јавност и биде претставен како способен економски стручњак. А што се однесува до Владо Камбовски, кој после сé се обиде да полемизира со Фрчкоски, мислам дека за него најдобро зборува онаа фотографијата каде е во срдечна прегратка со Сашо Мијалков, се друго би било непотребно губење на време. Да заклучам, ваквото МАНУ не смее да учествува во новите реформски процеси, затоа што ќе ги контаминира. МАНУ мора да биде реформирано од политиканти, да биде исчистено од влијанието на тајните служби, да престане да слугува на примитивниот национализам, продуциран уште од времето на Слободан Милошевиќ, и кончено да биде ослободено од клиентелисти. До тогаш мора да се држи во карантин, да не ја зарази или замати идејата за демократска Македонија, членка на НАТО и ЕУ.

КОНЕЧНО ПОВТОРНО ВИСТИНСКА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

Сериозните држави имаат зацртано свои цели, врз кои ја темелат својата политика и ги одредуваат приоритетите. Во сериозните држави кога се менуваат владејачките гарнитури не се менуваат зацртаните цели, тоа што најмногу може да се смени е начинот на кој тие цели треба да бидат остварени. Надворешната политика на една држава најдобро го отсликува патот по кој е тргната. За жал, Македонија уште не спаѓа во редот на сериозни држави, поради повеќе причини.

Првата причина е што нашата држава историски тешко успевала да наметне своја автентична политика, што поради нашата неспособност, а што поради условите и контекстот во кои Македонија опстојува и дејствува. Втората причина е децениското владеење на груевизмот, кој освен што ги смени утврдените цели и приоритети на Македонија, почна да ги руши темелите на државата. Третата причина е што Македонија не успеа да изгради своја вистинска и независна елита, која би седнала во МАНУ, па потоа би била сериозен и конструктивен фактор во креирање на вистинска надворешна, економска, образовна, социјална, здравствена или било која друга политика. Напротив, МАНУ од осамостојувањето па до ден денешен, наместо конструктивен фактор во развојот на државата, претставува камен на сопнување за развојот и напредокот на Македонија.

Постои уште една сериозна причина, која е проткаана низ трите горенаведени причини: Македонија, иако официјално е независна од 1991 година, досега не успеа целосно да се оттргне или да го прекине влијанието на Белград во внатрешната политика на државата.

Стратешка цел на Македонија е членство во ЕУ и НАТО

Иако уште не поминаа првите 100 дена откако е избрана новата владејачка гарнитура, јасно се гледа суштинска позитивна промена во надворешната политика на нашата држава. Тандемот Заев – Димитров направи серија на одлични чекори, со кои нашата држава почна повторно да ги придобива симпатиите на нашите пријатели од Запад. Првата посета на Димитров во Атина претставува промена на односот на Македонија кон проблемот околу блокадата на нашата држава за членување во НАТО и добивање на датум за преговори за членство во ЕУ.

Чекорите на новата Влада покажуваат дека официјално Скопје станува конструктивно во решавањето на проблемите, кои минатата владејачка гарнитура ги игнорираше. Поради неконструктивноста на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нашата држава од земја-жртва на неправедната политика на Грција, во очите на нашите пријатели, стана земја која еднаков виновник во нерешавањето на спорот со името! Македонската политиката на изолација, инаетње и антиквизација беше како порачана за Грција, која во таков контекст само успеа до некаде да ја оправда својата политика на блокада. Сега двоецот Заев- Димитров има за цел на меѓународната сцена да ги врати позициите на нашата држава пред доаѓањето на Груевски на нејзино чело. Македонија едноставно мора повторно да биде позитивна приказна на Западниот Балкан.

Во овој контекст суштински се важни посетите на Заев во Софија и Сараево. Бугарија е првата земја која ја призна независноста на Македонија, исто така Бугарија е првата земја која ја призна независноста на БиХ, и како таква може да прерасне како сериозен поддржувач на евро-атлантските перспективи на Македонија и БиХ. Очигледното пријателство помеѓу Борисов и Заев може да биде од голема полза за нашата држава, во периодот кој следува.

Посетата на Заев во Сараево е важна затоа што Македонија и БиХ се многу слични. Имаат аспирации и интерес кон ЕУ и НАТО, а внатре во себе имаат сериозни организирани сили кои ги закочија евро-атлантските интеграции. Втора сличност е додека Вашингтон, Берлин и Брисел се обидуваат да ги охрабрат демократските сили во Македонија и БиХ, додека Русија и длабоката држава во Србија даваат целосна поддршка на организираните сили кои од внатре го блокираат патот кон НАТО и ЕУ, а дел од нив и отворено се залагаат за промена на границите. Третата сличност е што и Македонија и БиХ своите држави ги изградиле врз темелите на антифашистичката борба, како мултикултурни држави. Затоа споделувањето на искуствата помеѓу Зоран Заев и премиерот на БиХ, Денис Звиздиќ, е од голема корист за помрднувањето на овие две држави во вистински правец.

Треба да се напомене дека во Сараево нашиот премиер беше пречекан како позитивна вест за целиот Западен Балкан, како што во Сараево беше дочекана и веста дека Црна Гора се интегрира во НАТО. Позитивните промени во Македонија се поздравени во регионот и во светот како убава вест за регионот, без разлика дали на власт се десно или лево ориентирани влади. Па така Борисов, Звиздиќ и Меркел, иако доаѓаат од народните партии, со радост се среќаваат со Зоран Заев.

Оската Атина-Белград-Москва против добрите односи помеѓу Скопје и Софија

Очигледно е дека Западниот Балкан е уште територија каде партијата шах помеѓу Западот и Русија не е завршена. Иако позицијата на Русија, посебно по влегувањето на Црна Гора во НАТО, како и доаѓањето на демократските сили во Македонија на власт, е полоша и може наскоро да биде поразена, сепак треба да се биде внимателен. Посетата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на Атина, каде негов домаќин беше неговиот колега Коѕиас, покажа вознемиреност во Белград и Атина за суштинските промени во официјално Скопје, како и реафирмирана про НАТО и ЕУ политика на нашата држава. Серијата позитивни чекори на тандемот Заев-Димитров го разбуди алармот во Белград и Атина.

Скандалозната изјава на Ивица Дачиќ дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставно име само помага конечно и целосно да паднат маските за позициите на Србија кон нашата држава. Ова е посебно интересно, откако Горан Живаљевиќ, советник на амбасадата на Р. Србија во Македонија и официјален претставник на БИА, беше откриен дека бил во Собранието, кога ордите на ВМРО-ДПМНЕ физички го нападнаа новото парламентарно мнозинство во Македонија.

Дополнително, треба да се има на ум дека и самата Србија како држава е поделена, па најголемата владејачка партија на Вучиќ внатре има сериозен судир помеѓу прозападните и проруските струии, а исто такви судири има на ниво на владејачка коалиција. Затоа беше и судирот помеѓу Вучиќ и прорускиот Томислав Николиќ, за претседателската функција. Како и долгата борба помеѓу Ана Брнабиќ и проруски ориентираниот Ивица Дачиќ, за кој да биде нов премиер на Србија, а откако Вучиќ замина на претседателската функција и од таа позиција ќе го балансира тој судир.

Длабоката држава на Србија, заедно со остатоците на режимот на Слободан Милошевиќ, серизно ја опструираат Србија во нејзиниот пат кон ЕУ и регионалното помирување. Длабоката држава на популистот Вучиќ му организираше најмалку два сериозни обиди за поттикнување на конфликт, како одговор во неговите напори да ги решава проблемите со Сараево и Приштина. Откако Вучиќ и Бакир Изетбеговиќ имаа неколку средби, на кои најавија дека ќе организираат работни групи од научници и историчари кои би работеле за историско помирување помеѓу српскиот и бошњачкиот народ, се случи нападот на Вучиќ во Поточари, Сребреница, за време на одбележувањето на 20 годишнината од геноцидот во Сребреница. Откако Дачиќ неколку пати јавно го прозва официјално Сараево за да ги најде сторителите на нападот, Бакир Изетбеговиќ во едно интервју изјави дека Вучиќ знае дека тој напад е организиран од дел од тајните служби на Србија. Многу слична ситуација се случи и со фамозниот воз со икони, кој требаше од Србија да влезе на Косово, па Вучиќ мораше да интервенира на лице место, за да не дојде до конфликт во Северно Косово.

Во секој случај, после посетата на Заев во Софија и Сараево, оската Атина-Белград-Москва пробува да одговори со свој потег на шаховската табла како Македонија и БиХ би ги задржале блокирани на патот кон НАТО и ЕУ. Вознимиреноста на оската доаѓа откако надворешната политика на Македонија го смени својот курс за 180 степени и ја врати државата на шините кои возат во вистински правец, но и во се послабата перспектива на нивните позиции на овој дел од Балканот. Владата на Македонија не крие дека откако ќе го имплементира реформскиот извештај на Прибе, откако ќе се зафати со решавање на сите горливи проблеми внатре, но и со соседите, откако ќе ги врати симпатиите на Западот, преку поголем ангажман на пријателите од Запад, нашата држава во текот на идната година ќе биде примена во НАТО под привремената референца, како и дека ќе ги почне преговорите со ЕУ.

Доколку пријателите од Запад бидат убедени во искреноста на новата Влада, а на кои им е јасно дека позади грчкото неформално вето таа 2008 година, во Букурешт, стои Москва, наспроти најавите на тогашниот американски претседател Буш, тие сега имаат механизми сериозно да ја притиснат Грција да попушти, посебно сега кога е зависна од нивните кредити.

Затоа, нема да изненади, доколку историскиот договор помеѓу Скопје и Софија биде мотив за очајнички обид да оваа оска ги искористи оние на кои им даде голема поддршка за да направат сцени во Собранието на Македонија, какви што направиле веќе два пати, или да ги постави како што ја постави дел од опозицијата во Црна Гора, која се противеше отворено на влезот во НАТО.

Колумна на Џељо Хоџиќ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e