Кој го уништи Врховниот суд?

Додека власта ноншалантно гледа што се случува Врховниот суд се претвори во најважната тврдина од каде што почна реставрацијата на режимот.

Прашањето од насловот на овој текст на некој начин е само метафора на состојбите во правосудството, иако стрмоглавувањето на угледот на Врховниот суд е еден од клучевите за одговор колку е длабока калта во која се наоѓа целиот систем. На претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, не му недостига чувство за шега – тој на прашањето на „Независен весник“ дали контроверзната иницијатива на двајца адвокати ја гледа како спас за него, одговара вака: „Јово е спасен од моментот кога е роден, затоа што може да живее во која било ситуација, со или без претседателското место, за разлика од некои други. Јас можам утре да си одам и пак ќе си живеам убаво како што си живеам“.

Одговорот може да насмее многумина поради наводната досетливост, но во основа тој ја доловува призменоста на толкувањето на целата ситуација. Не од позицијата на морален и стручен авторитет на човекот кој е на најважното место во судскиот систем, туку од некакви привидни хедонистички моменти. Обидете се да најдете изјава на кој било претседател на врховен суд во Европа како оваа на Вангеловски: „Јас можам утре да си одам и пак ќе си живеам убаво како што си живеам“. Ќе се изнамачите и нема да најдете ништо такво, од едноставна причина затоа што на еден претседател на врховен суд (без оглед дали е во некоја од напредните демократии или од илибералните системи) не би му паднало на ум да зборува колку убаво живее ако целото судство се наоѓа на најниски гранки. Но тоа е Македонија, и некни, и вчера, и денес, а ќе биде и утре.

На Јово Вангеловски не му недостигаше шега и кога Рајнхард Прибе беше во земјава за да го пишува својот втор извештај и кога според соопштението од Врховниот суд, претседателот на врвната судска инстанца му поднел на германскиот експерт свој предлог како треба да изгледа реформата на судството. Ни тогаш, а ни сега, не се знае што стана со тој предлог за реформи на судскиот систем и што пишувало во него. Беспоредметно би било да нагаѓаме, иако во она што го напиша Прибе никаде не беа споменати согледувањата на Јово Вангеловски.

Адвокатски алтруизам

Но, кој знае, можеби дел од тие предлози сега се разработуваат на некаков специфичен начин. Па двајца адвокати, Анита Бегова и Ѓоко Шајн, почувствувале огромна загриженост за профеионалната судбина на судиите па поднеле иницијатива за нивната нестручност Судскиот совет да расправа според новиот Закон за судови. Тој има поблаги одредби од претходниот закон, затоа што предвидува и дисциплинска мерка, а не веднаш разрешување. Ваков алтруизам на адвокатската фела за судбината на судиите кои направиле повреди на законот со нестручно постапување, не е забележан во аналите на судството. Но тој алтруизам има свое прозаично објаснување во поврзаноста на интересите – се работи за иницијативата за разрешување на Вангеловски и уште двајца судии поднесена уште кога му беше укинат притворот на Сеад Кочан. Судскиот совет се митари и митари веќе две години за оваа иницијатива и како што сега стојат работите може ќе ги направи сите потребни чекори да не дојде до одлука. Иако сдк.мк напиша дека постапката во случајот на Вангеловски и другите двајца судии наводно била дојдена до фаза на конечно гласање.

Колумна на Љупчо Поповски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e