На овој ден во 2013-та, во 5,15 часот, режимската полиција упадна во нашиот дом.
Ме уапсија за оддавање на идентитет на заштитен сведок во текст напишан во 2008-ма.
Цел вод припадници на специјалната полиција вооружени со автоматски пушки, со пиштоли и бомби, како најозлогласен криминалец со лисици на раце ме извадија од дома.
Никому не му беше гајле дека сето тоа се прави пред сопругата и малолетната ќерка.
Лиле Стефанова, продолжената рака на Фамилијата, протагонистот на случајот што Стејт департментот и ЕУ го прогласија за политички монтиран, побара, а Тања Михајлова прифати, и ме ставија во притвор.
И тоа не било каде, туку во – “Це” …
А, таму… таму видов повеќе од она што можам да сфатам и сфатив повеќе од она што видов.
Подоцна тие… Ница, Бошевски, Башевска, Димишкова, секој 26-ти или 28-ми во месецот ми го продолжуваа притворот.
Акцијата во која бевме уапсени осумина ја крстија “ЛИКВИДАЦИЈА”. Дел од медиумите, не грижејки се за човековите права и презумцијата на невиност, побрзаа да и честитаат на полицијата за успешниот потфат, дека ете успеале да ја “разбијат” до тогаш, наводно, најопасната криминална организација во Македонија, таканаречената “Романтик група”.
На насловните страници јас на чело на “бандата”.
Со полна уста во затворот ми велеа дека ќе ме скршат и ќе ме уништат ….
Многу се трудеа, ама за жал не успеаа.
И светски најмоќните шефови на мафии би можеле да учат од нашата Фамилија.
Горко чувство на спроведување на селективна правда.
А, селективната правда, каде обвинителството и судот демонстрираат ефикасност на оние кои ке им стапнат на жуљ, додека сторители на убиства и обиди за убиства, и кражби на милиони евра наши, народни, пари, затскриени во “патриотски костуми” остануваат неказнети, е најлош вид на неправда. Се осмелувам да кажам дека тоа е полошо и од потполно беззаконие, затоа што ја убива вербата во правдата, правдата за која уште старите Римјани рекле дека е темел на државата.
Не, јас немам право да заборавам што ми се случи … Немам право заради себе, заради сопругата и ќерката, и заради оние луѓе кои ги изгубивме како последица од вандализмот на Фамилијата.
ПС: Г-да, Ме поразивте, ама не ме докрајчивте!
ППС: Историјата се состои од порази и победи. Сега знам дека загубив, ама не ќе помине долго кога јас ќе победам. Сигурен сум.
Сигурен сум затоа што тајната никогаш нема да остане тајна. Кога и да е, и после сто години, таа ќе излезе, ќе се појави.