Малку му се помешало христијанството на Христијан & Мицкоски. Па го читам два дена, се расфрла човечето со мир, љубов и соживот, а само еден твит успеа да го исфрли од тежиште, односно да го мавне во тежок душевен амок.
Напишала твит Видана, мојата драга пријателка и активистка, се сомнева пустата, со право, дека можеби извесна Рашела Мизахри паднала во фашистичка партија. Па потспрдно (да не речам сатирично) се прашува “дали и кај нацошите имало евреи кои се бореле за социјални плати и права на евреите”.
Ненормално, и длабоко предвидливо, рипа Мицкоски, лажниот и недоучен христијанин, а само пред нецели 24 часа проповеда христијанство (љубов, мир и соживот), ја напаѓа Видана, а со тоа лажно ги “заштитува” Евреите, дере по СДСМ, а пази богати, го брани целиот Израел.
Не знае Мицкоски дека христијанството не може да се национализира, а не може да знае оти ништо не прочитал, типично за сите лажни и недоучени национални верници: темелот на христијанското учење е во тоа дека се работи за универзална религија која – не прави разлика измеѓу “Евреи и Елени” – а камо ли да прави разлика помеѓу партикуларните, националните (националистички) “стилови”, па следствено на тоа “национализацијата” на христијанството во теолошка смисла претставува ерес, а во политичка смисла – фашизам во словенско-православен “стил”.
Кога Мицкоски и неговата партија ќе го злоупотребат христијанството за политички поени, јасно ви е дека тука е изгубена секаква духовна и морална ориентација, и јасно ви е дека, а за тоа добро Видана ги “оплајпичи”: се работи за лажни христијани и провинциски нацоши од дното на шерпата.
Фејсбук статус на Ненад Јованович