Институции со европско знаменце и балканска нарав

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

-Го знаеме тоа, нели? Корупцијата (во било кој нејзин облик) е главниот виновник за нашите неволји, за назадувањето на државата и општеството, за рѓосаното судство, здравство, образование, безбедност, социјална правда, екологија, култура… Ако погледнеме околу нас, ќе забележиме и во микроскопските детали на животот – корупцијата чучи и жмирка од сенката на секоја постапка, чека да ве допре со своите отровни краци и да ве вовлече во надолната спирала на животот.

Eppur si muove

Коруптивниот систем беше разработен до болни детали од режимот на Груевски, а зачнат од дамнина, низ сите епохи и општествени уредувања, сосе југо-социјализмот, а продлабочен низ годините на бескрајната транзиција. Имавме државна комисија за антикорупција што беше дел од тој коруптивен систем, како и многу други институции – со европско знаменце, а со балканска нарав и пракса.

Ако сакаме да го видиме излезот од корупцијата, ни треба добар закон, како прв чекор, пред воопшто и да се обидеме да направиме нешто повеќе. Да, дури потоа ни следи и примена на закон што, колку и да е добар, пет пари не вреди ако нема кој да го стави во функција. На тој пат, иако изгледа краток, стојат испречени планини од интереси и апетити, а и поприлично многу релевантни прашања и дилеми, па и незнаење.

Како што гледате, продолжувам, од вчера, да ги коментирам процесите што им се познати на еден грст луѓе од политиката, експертските и невладините кругови. За пошироката јавност, очигледно, поинтересен е циркусот во парламентот, а најважен е опстанокот, да се помине и овој ден.

Како и да е, редно е да споделам дека сум информиран дека, само од вчера до денеска, некои работи се променија, барем малку, па дел од слабостите на новиот антикорупциски закон, изгледа дека ќе се поправат. „Eppur si muove“ („Сепак, се движи“), што би рекол Галилеј, пред да го стават на клада и запалат (упс!).

Корупцијата мора да се исфрли од политиката

Оние што богато се гостат од јавните пари, со патни трошоци, бонуси, додатоци, провизии и манипулации треба да си одат од политиката. Можностите за нивно богатење со злоупотреби на позицијата може да се сопре со добар закон и со силна антикорупциска институција што ќе ги „чешла“ нивните приходи… Токму антикорупциската комисија мора да биде уредена на начин што ќе овозможи што е можно поефикасна борба против корупцијата, особено онаа што е вгнездена во највисоките кругови на моќта и политиката.

Работничките права во оваа институција мора да се почитуваат на начин што ќе служи за пример како треба да се работи. Моќта на таа институција треба да се гледа во можноста нејзините стручни и професионални кадри да бидат слободни да работат, а нивниот труд да биде почитуван и награден. Важно е тие да бидат охрабрени да ги „ловат“ функционерите и да не дозволат нивно богатење врз грбот на граѓанките и граѓаните. Подеднакво важно е членовите на комисијата што ќе ги избира парламентот, да не ги разгали системот. Нема логика тие да бидат наградувани со право на 35% посебен додаток. Добра им е платата. Наместо да бидат седум членови, може да бидат три (како во Словенија) или пет (Црна Гора и други) и наместо 35% посебен додаток, може да се одвојат средства за зголемување на платите на стручниот кадар, на персоналот. Поправедно, нели? Социјална држава според Уставот, ова-она…

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e