Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
Во Македонија, во која што Никола Груевски, избеган од правдата, од хотелска соба во Будимпешта уште е моќен да си нарачува интервјуа на национална телевизија, сѐ уште има граѓани што се комотни да речат дека нема да излезат на гласање. Оти – немаат свој кандидат за претседател за кого би гласале.
Едно е да бидеш разочаран. И резигниран. И да си правиш кафеански муабети дека „сите се исти“. Па ете, дури и да сакаш да се одмаздиш на власта оти не ги исполнила твоите очекувања. Ама да го заборавиш масовното прислушување!? Да ги заборавиш сите криминали за кои чувме во бомбите!? Да заборавиш дека судството уште ја попречува правдата!? Да заборавиш дека за претседател на државата го имаме Ѓорге Иванов, од кого до 12 мај ќе стравуваме каква пакост ќе ни смисли!? Да го заборавиш 27 април!?
Не разбирам од која морална височина овие граѓани ја гледаат земјава, за да можат да си дозволат да не гласаат. Може ли да си замислите што ќе беше од Македонија ако успееше пучот на 27 април? Што ќе беше не само со пратениците кои беа нападнати во Собранието? Не само со новинарите кои беа таму да известуваат? Тројца колеги само од нашата редакција таа вечер стравуваа за своите животи само затоа што полицијата ја немаше повеќе од два часа. Зошто? Затоа што и полицијата беше киднапирана од ВМРО-то на Никола Груевски. Што ќе беше ако Зијадин Села навистина беше мртов, како што помислија тие што го оставија во крв? Што ќе беше ако беше убиен Зоран Заев и уште неколку пратеници? Оти, нели, Груевски тогаш рече: „Да сакаа да го убијат, ќе го убиеја“.
Море, што ќе беше со сите нас?
Тој Груевски, што таа вечер даваше команди од Виена, уште е почесен претседател на партијата чијшто лидер ги нарекува патриоти тие што го нападнаа Собранието.
Е па, помислете кога ќе речете: „Не ти гласам веќе!“. Помислете барем само на тоа.
Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.