Философскиот дрон на Тричковски

Сакам да пишувам за опусот колумни и „шкрабаници“ по фејсбук на господинот Тричковски, надвор од обврскитеи натегнатата сериозност на пишување воведи за книги, туку од  препознавање на нешто неискажливо заедничко -тоа препелкање и уживање во експолозијата на творештвото. Ми се допаѓа таа негова возрасна осорност која укажува на некој прекрасен внатрешен монолог којтуку што се случил, во рамките на неговиот комплексен хаос и трогателна несигурност. Тој негов внатрешен лом ми се допаѓа истовремено моќно го подржува неговото пишување за нас, за  јавноста.

Текстовите на Тричковски се драматично спротивни на празнословието и на булшитизацијата на јавниот дискурс. На пролоферацијата на бесмислени написи, замислени конфронтации меѓу ништожности, фејк њуз или лажни вести. Тој е загледан во ургентноста на денот, на нашето битисување и разбирање на идентитетот, имено неговиот распад и крикот на Мунк на лицето на Македонецот кој настана поради тој распад. Тој ја оцртува новата ослободувачка географија телепринтирана врз земјата на Македонецот од неговиот кружечки пишувачки дрон. Да се нападне умислената навреденост и несигурност на македонската средна класа (што и да е тоа) или на македонскиот лумпенпролетеријат и да се шутне нивниот газ кон ослободување. Да се запали музејот на македонштината во која не е сместена историјата, туку сегашноста на десниот националистички мит за нас и обидот со него нацијата да се хомогенизира??

За Тричковски, Македонецот е продукт на балканската хисториска оргија и по дефиниција не може да биде расист иако се обидува. Неговата судбина, која тој не ја знае, и која соотсветствува на зборовите од песната: … Ај Македонче, ти незнајш кој си и што си ….  е нужно космичка, а не националистичка и расна. Искуството на страв и насилство со кои е „крстен“ нужно ја потенцира неговата универзалност, а не парохијалност, и го соочува Македонецот со Хобс и Фуко, а не со Итар Пејо.

Стравот на Македонецот, како вели Џејмс Балдвин, не е само емоција од која се страда и која блокира туку е можен инструмент за ослободување. Треба поинаку со него да се ракува.

Тричковски е вуду вештерот кој ја боде куклата на десниот Македонец/ка и предизвикува егзистенционалистичка болка, но болка која не само боли туку и менува! Тој е возрасен човек кој поради проблеми можеби со  простатата често и во регуларни размаци замочува во оградениот двор на македонскиот десен идентитет и брутализираниот поим за нацијата кој тој идентитет го подразбира и нормално  провоцира викање и свирки на чуварите.

Но Тричковски прекрасноделува на нашиот мерак и одржување на вкусот за убавиот збор. Тој не пишува реченица која има интерес сама во себе (Езра Паунд за пишувањето на Ленин) туку тоа е мисла која повикува на акција. Неговиот збор не е објаснувачки и пропаганден туку е литерарен еквивалент за епски политички деец. Помалку, и по мој вкус – анархистичен! Бара читателите да го сменат мислењето, да влијае, пишува за она што правиме и за она што не правиме! Но, ја има таа судбина, да не кажам законитост, дека понекогаш пишува за публика која се уште не постои. Не за читател кој е таков каков е, туку за оној кој е во надоаѓање (Дерида).

Тоа нема врска со елитизмот на пишувањето туку со она што Џон Деви мислел кога вели: публиката не е таа која едноставно постои таму надвор, туку онаа која ја создаваш со своето пишување.  Актот на пишување за јавноста создава јавност за која пишуваме. Затоа дебата за употреба на жаргон или валкан јазик наместо нормален литературен јазик е лажна дебата. Проблемот со најголемиот број на пишувачи празнословие денес и овде е што се обраќаат до публика која веќе постои и ѝ се додворуваат на ниво на најнизок естетски деноминатор без имагинација, стил и волја на талентираните за промена низслобода, за поставување поделба, дисенсус, бидејќи демократската публика отсекогаш се формирала во конфликт и шок од оспорувањето на вообичаените политички норми. Сетете се на Хана Аренд и „Ајхман во Ерусалим“ – шок и оспорување, но барање публиката да се организира околу поставената поделба и поставената теза.

Тричковски пишува токму така и тоа е вредноста на неговиот текст и во оваа книга. Тој ги храни читателите и тоа не секои читатели туку оние гладни за проза за најчувствителните теми на денот со хуманизам кој гризе! Ги сакаме тие наши модринки и загризи и ги допираме како љубовник по врелата ноќ својата мила!

Љубомир Д. Фрчкоски   

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e