Дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:
Дали треперењето на крилјата на пеперутка во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас? Одговорот е дека – не може! Ова прашање кое пред неколку децении на научна конференција го постави математичарот и метеоролог Едвард Лоренц, е иницирано од неговите истражувања на непредвидливото однесување на детерминираните нелинеарни динамички системи, кои се менуваат со текот на временските услови.
Но, со текот на годините, луѓето ова прашање си го трансформираа во потврден факт, а метафората позната како „ефектот на пеперутката“ остана повеќе тривијално да се користи за опис на разни непредвидливи ситуации, кога нешто мало налик на пеперутка ќе ја тестира издржливоста и стабилноста на системи создадени од човекот.
Под тоа го подведоа и случајот од крајот на мај, кога едно полжавче предизвика краток спој и застој на 30 возови со кои се превезуваат повеќе од 12.000 луѓе во една јапонска провинција. Пред три години, големиот хадронски колајдер прекина со работата откако ласица предизвикала краток спој. Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) објави дека акцелераторот претрпел „тешко електрично нарушување“ и дека ќе бидат потребни денови за да се поправат штетите што ги направила ласицата.
Во март 2016 година, ласица предизвика краток спој и во трафостаница во Козле, по што половина Скопје остана во мрак. Се сеќавам дека во Драмски театар публиката со мобилни телефони ја осветлуваше салата, помагајќи ѝ на актерската екипа да ја заврши претставата „Живот во тесни чевли“.
Целата колумна на Призма на следниот линк.