Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
Кога ја видоа Катица Јанева дека џвака мастика додека дава изјава дека некој можеби ќе се спаси, оние што секогаш имаат големи очекувања од сите, само не од себе, рекоа дека маичките што ги носеле на Шарената револуција ќе ги чувале за лупење пиперки за ајвар. Ја напизмија специјалната обвинителка исто како што ја напизмија за чипката што ја носеше при првото јавно појавување. Додуша, после нарачуваа маици со нејзиниот лик оти беа фенси. А после, стана фенси да се плука по СЈО оти било неуспешно.
Е па, не ги фрлајте маичките со СЈО. Вратете ги во плакарите. Може ќе ви требаат за пак да се фалите оти сте биле големи борци. Ете, Сашо Мијалков е осуден на три години затвор и седи во притвор до правосилноста на пресудата. Тоа е моќникот што на Катица Јанева не ѝ даваше да влезе во УБК за да го истражува прислушувањето.
Донесување на закон со кој СЈО ќе продолжи да работи е услов за ратификација на протоколот за влез во НАТО во парламентите на неколку земји членки. И покрај тоа што веќе го сменивме името.
СЈО веќе има добиено две пресуди. И тоа, за поранешниот премиер и за шефот на тајната полиција, братучедот чие име со шепот се изговараше. Има и уште шеснаесет обвиненија што се во судска постапка. Тие што ќе ги фрлаат маичките, брзо заборавија дека СЈО две години работеше безмалку во илегала. Додека раководството на ВМРО-ДПМНЕ спремаше пуч. И – што е тука неуспешно во работата на СЈО? Катица ли е крива што Груевски избега од државата? Катица ли е крива што од државата избегаа двајцата клучни разузнавачи обвинети за нелегалното прислушување на илјадници граѓани, што ја предизвика најголемата политичка криза? Катица ли е крива што ВМРО-ДПМНЕ на чело со ДУИ го кочи донесувањето на Законот за СЈО?
Туку, имаме среќа што некому, кој е далеку, му е многу поважно отколку на нашиве политички лидери да ја видат земјава во НАТО. Па мораше да дојде Филип Рикер, новиот висок функционер во Стејт департментот, божем приватно да се види со пријателите, за да им ја свитка раката и на власта и на опозицијата. Па Владата итно го одбри законот и го прати во Собранието.
И ајде сега, пак ќе нѐ тупат со лидерски средби. Ќе купуваат време, ако може уште некој да избега. Па ќе се расправаат кој ќе оди на средбите, па дали осудениот Мендух Тачи се вклопува во форматот, оти за него СЈО не побара притвор пред да оди в затвор, па Христијан Мицкоски ќе прави драма зошто на Прочка се прават лидерски средби, па Али Ахмети ќе излезе да пуши и ќе заборави да се врати, па ќе ги чекаме до полноќ да даваат изјави, па новинарите ќе чекаат на некој плочник да јавуваат кој влезе, кој излезе, па левото и десното крило на Беса ќе излезат со свои барања и на крај, Заев ќе даде изјава со оптимизам за консензус за едно општество за сите…
Гледам јас, Филип Рикер ќе мора набрзо пак да ги посети пријателите.
Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.