Вака изгледа една просечна, летна македонска реформска политичка недела: Македонија и Бугарија, со поклонување и со заемни бакнежи, почнуваат да затвораат непријатни поглавја од својата билатерална историја; Владата донела одлука да дозволи влез на американска војска за обука на воениот полгон Криволак; кадровски се пополнуваат вторите ешалони на власта (да посведочам: новиот шеф на УБК минатава недела го гледам неколкупати како доаѓа и пие кафе во едно тивко скопско кафуле – дискретно и без никаква придружба и безбедносна помпа околу себе!).
Трамп ја потврди американската „црна листа“ со лица од Балканот; а Али Ахмети во интервју на Алсат-М кај Арта Тахири, во негов стил, збунето и со многу туфкање (и без реферирање на одлуката на Трамп), нѐ информираше дека Американците го принудиле да оди во коалиција со СДСМ, иако нему срцето и душата му се на страната на Груевски кој, пак, башка и му се заканил дека, кога-тогаш, за тоа „љубовно неверство“ ќе му врати мило-за-драго!
Значи, уште една лабава, опуштена недела во нашите животи, во која се забавувавме и со прогнозите за тоа во која селска авлија низ Македонија ќе се пробие некој од тунелите на трасата на изградбата на патот Кичево – Охрид, оти сите опции се отворени. Плус, некаде прочитав и дека грчки (наводни) извори брифираат дека нивниот предлог за името на нашата држава би бил „Република Вардарска Македонија“, што мислам дека веднаш и без одлагање треба да се прифати ерга омнес имортале, со просто конфирмативно соопштение на Владата, без да арчиме пари за кафиња и кисела вода ни за комисиски седници на Собранието, а не пак да распишуваме референдум за народно изјаснување по тој предлог! (Добро, добро, ќе има референдум, аман!)
ЈАЈЦАТА НА АЛЕКСАНДАР
Во нашава долго запуштена држава, допрва ќе треба да се навикнуваме на овој интензитет на настани. Во само една недела, меѓународните фактори комуницираат со Македонија повеќе од вкупната размена на луѓе и идеи за последната петолетка од владеењето на претходниот режим. Дури и Ѓорге Иванов дал налог да се чистат пајажините и правот во неговата резиденција, оти може некој од странциве на поминување да се препне, па и кај него да наврати!
Но, шегата нaстрана – „Јер, где је Хорхе, тамо је и шала!“ – земете ја за пример новата политика на Заев за Drang nach Osten, ова негово блиц-криг „напредување кон Исток“…
Македонските и бугарските историчари и политичари, речиси од секоја академска и идеолошка насока, долги децении се обидуваа да се надмудруваат за тоа дали македонските или бугарските кокошки несат покоцкасти јајца со библиски ликови на нив, откако успешно го идентификувавме и го документиравме во томови академски и политички дисертации секое извиткано влакно најдено во тие јајца. Груевски отиде најдалеку, до четвртиот век пред нашата ера, за да утврди дека македонските јајца оригинално се несени од воинствените и освојувачки петли на Александар, а не од таму некакви мирољубиви и рамничарски славјански овци и кози…
ГЕОПОЛИТИКА НА ИСТОРИЈАТА
Покојниот бугарски претседател Жељу Желев, еден од најголемите пријатели на Македонија во нашата турбулентна меѓународна историја – и човекот што го убеди Елцин, во фотофинишот на качувањето на авион од Софија кон Москва (наводно и малку „развеселен“ од влијанијата на заводливите бугарски вина и ракии) да ја признае Македонија под уставното име; и кој го „развали“ предлогот, на почетокот од деведесеттите, на Милошевиќ и Самарас (оти, Мицотакис велел: „Јас сум од Крит и не ги разбирам византиските политики со Србија!“), за поделба на нашава држава меѓу соседите – во една пригода ми објаснуваше како луѓе и од двете страни на границата направиле цели животни кариери и удобни принадлежија и за деца и за внуци само со своите националистички интерпретации на нашето минато, трудејќи се да докажат дека меѓу македонскиот и бугарскиот народ или јазик нема никакви или дека има секакви разлики.
Навистина, и од двете страни на границата ќе треба многу да се менува во тој идеолошки пристап кој, доколку некогаш и имаше свои геополитички неопходности и оправдувања, денеска делува прилично демоде, што само произведува луѓе со општествен квоциент на интелигенција со големина на собна температура. Прашајте ги Германците и Французите за нивните, прилично крвави, историски искуства, ако мене не ми верувате.
ЛИЗГАВО „САПУНЧЕ“
Не е Заев првиот што „згазнува“ во таа наша застоена соседска бара (деновиве ме потсетија дека и Бучко во 2006 година, на неколку недели пред изборите, доброволно се лизна на тоа „сапунче“; а и не сум сигурен за што ги употреби материјалите што од тогашниот бугарски министер за внатрешни работи ги доби на разговорите водени во Охрид за тогашната поврзаност на бугарската и македонската мафија, чии вмровски врски траат и до денес!), но одамна не сме имале атмосфера во Македонија во која националистите и квазинационалистите нема да добијат шанса да ја диктираат нашата надворешна политика, како што тоа се случуваше во изминатите децении. Особено не оваа генерација македонски националисти, бидејќи нив, како што пишав во погорната заграда со Бучко, ништо не ги спречуваше со одредени бугарски (и не само бугарски!) кругови да развиваат длабока и широка соработка во областа на регионалниот разузнавачко-криминален ноу-хау, дуинг бизнис и риал-естејт (со екстензии до јахтите врзани во Монако и дачите во Москва, виа Софија!), а да ни ја држат главата нурната под водата на балканското идеолошко мочуриште за да не видиме што, навистина, се случува на површината.
Затоа, Заев треба да се охрабри во напорот да изгради нова историја на македонската иднина, сега да се испеглаат сите „точки и запирки“ во политичките односи со Софија, па како што со Србите пред неколку години се поклонивме пред нивните споменици од изминатите светски и балкански војни на нашата територија – и како што тоа, впрочем, го правиме секоја година со Французите, Германците и Британците на нивните гробишта во Македонија – конечно да почнеме нашата историја да ја третираме како важно сведоштво од минатото, но не и како доктринарен патоказ за иднината.
Оти, нашиве деца – вмрежени, глобализирани и отворени за промени, кои живеат во распаднатите бракови на своите родители и со единствена желба да си заминат одовде – глава не креваат од екраните на мобилните телефони и совршено не ги интересираат тажните приказни од почетоците на минатиот век на нивните дедовци и прадедовци. „Аман – ми вели еден од таа Генерација Зед што ми шета по дома со слушалките в уши – пораснете веќе еднаш во односите со овие околу нас, треба европски пасош да се вади!“
Обаче, навистина е така.
Сашо Орданоски
(Текстот е објавен во весникот „Слободен печат“)