дпмне ќе потроши стотици илјади Евра, ќе го прекрши законот и ќе го узурпира изборниот процес за буквално 5 бегалци.
До овој момент, Советниците на дпмне имаат изгласано одржување на локални референдуми во Гевгелија, Битола, Кочани, Карпош, Штип, Гази Баба, Кавадарци и Прилеп.
Датумот на референдумите е ист со тој на локалните избори, 15ти Октомври. Темата кај сите е иста – дали општината треба да дозволи изградба на бегалски кампови на својата територија?
дпмне тврди дека единствена причина за избраниот датум е да се избегнат дополнителни трошоци.
Се разбира и тоа, како и се’ останато поврзано со овие референдуми е лага. Трошоците за локалниот референдум се на товар на општината. Референдумот е различен процес од изборниот, бара засебни одбори и организација. Поради тоа, трошоците нема да се намалат за ниту еден денар доколку референдумот се спои со локалните избори.
Настрана фактот што референдумот може да чини до 50,000€ по општина и што е противзаконски општините да носат одлуки за трошење на буџетски сретства во предизборниот период.
Не е предвидена изградба на бегалски кампови, ниту е планиран буџет за тоа. Винојуг и Табановце се прифатни центри (а не бегалски кампови), чија функција е само да го администрираат и менаџираат транзитот на бегалците низ Макдонија. Во овој момент, во двата кампа има вкупно 46 лица. Оваа цифра е далеку под сместувачките капацитети на камповите и е дел од подолг тренд на намалуваље на бројот на бегалци и мигранти кои транзитираат низ Македонија.
Најголемиот проблем во целава приказна се омразата и ксенофобијата кои резултираат од нивните дрски лаги и ефтино партиско калкулантство. Тие се отров за секое општество, плодна почва за трајни поледици по општествениот менталитет.
Утре за прв пат по многу долго време, можеби за првпат по нашето осамостојување, ние ќе го дочекаме Денот на независноста во слободна Македонија.
Во таа Македонија не смее да има простор за дилетантско ширење на омраза во партиски цели. На нас останува да се осигураме дека на крајот од денот, секогаш ќе преовладаат вистината и човечноста.
Павле Богоевски