Го гледам посивен, со кисела насмевка, видно нервозен човекот кој седна во престижното претседателско столче во Законодавниот дом и вети дека Собранието ќе го направи ХРАМ на демократијата. Ни Д од демократија не видовме овие десетина години, напротив Собранието стана СРАМ.
Да го потсетам Вељаноски дека тој беше соучесник и сценарист во Црниот понеделник кога беа тепани и исфрлени новинари и пратеници, само да може набрзина да се донесе криминален буџет .
Тој како претседател и пратеник ја аминуваше амнестијата на Хашките случаи, гласаше за Законот за употреба на јазиците, за екстерното тестирање, за комплетна криминализација и барокизација со секојдневните измени во Законот за градење, не гласаше за стечајците и бранителите.Штанцаше закони без опозиција и на крај со запоседнување на претседавачкото столче, откако ВМРО-ДПМНЕ не формираше парламентарно мнозинство, се обиде да го одбрани неодбранливото, криминалната врхушка да продолжи да владее.
Негова вина е што дозволи пратеници од неговата ВМРО-ДПМНЕ да ја отворат вратата за да влезе толпата во Собрание, негова вина е што потфрли и дел од собраниското обезбедување.
(За синот и ќерката не сакам намерно да пишувам, тоа се работи не за тука, туку за испитување од надлежни институции).
И сега гледам бега и им се лути на новинарите, не биле пристојни.. Вељаноски најде за пристојност да зборува после се???
Катерина Цаневска