Да, татко, во право си, ама ти не си ја живеел младоста во една ваква земја…

Дека надвор грмежливо врне, а не можам да спијам. Дека почнал нов ден, а не го сетив.

Татко ми секогаш вели дека ние помладите (секогаш се насмевнам кога ќе каже така – ние помладите, свашта, а јас во 6-тата деценија, човече) не смееме да бидеме депресивни, летаргични, апатични, исплашени. Само смирено и полека, се ќе биде – секогаш ми вели. Тогаш фати да ми раскажува како со мајка ми немале ништо кога се земале, како почнувале од лажица и вилушка и како, фала му на Бога, се стекнале. Сами, без помош од било кого. И како се мачеле. И како животот не е лесен.

Да, татко. Во право си. Точно е. Ама има едно нешто што стои како вишна на шлагот од тажната торта, си велам – ти не си ја живеел младоста, детството на твоите деца и своите најплодни години од животот, оние во кои си го дал својот максимум на сите полиња – во една ваква земја. Во земја во која имаш се, а не можеш да го имаш. Во која има спас за тебе ако можеш спасот да го платиш, инаку ќе се акаш по лавиринтите додека не ти стане јасно дека талкаш. Во која да си млад, значи да се прашуваш зошто за тебе не важи – кога, ако не сега и во која тоа “сега” го наоѓаш далеку оттука. Земја во која семејството има друг лик. Во која не знаеш како да си го воспитуваш детето, а да не те мрази заради тоа.

Во која цената на животот е најниска. Во земја во која може да те отепаат за 200 денари. Во која во слободно време можеш да си насилник, оти како другите си, нели. Само малку си опоменат тогаш кога си испотепал некого.

Во која колку си поглупав, попаметен си. Во која годините се се повеќе, а пријатели се помалку. Земја во која од сето она што го имаш во себе како чудесие на твојата личност – како човек и како професионалец, најважно е сепак од коите си, чив си и можеш ли да мижиш пред острото светло на неисправното живеење, кое би требало да ти боде око. Можеш? Супер. Мој човек си.

Во земја во која кога твоите пет млади френдови тепаат еден несреќник, наместо здрав разум и втурнување да ги разделиш, попрво ќе ги снимаш со мобилен. За на фејсбук. За лајкови кои статус значат. Оти никој не те научил дека немоќниот се брани.

Во земја во која на ист јазик се гладува, а нема ниту една нишка која сите ќе ги врзе еден за друг, како тогаш кога ти младуваше и ги раснеше своите деца во атмосфера во која да се биде различен значеше да се биде ист, всушност.

Во земја во која нема заеднички именител за сите нас, кој ќе не мери со аршинот на најобичната човечност, не мора со ништо друго.

Ти ја имаше за себе, како и сите други луѓе кои ја имаа истата привилегија во тоа време, земјата во која детето си го учеше (и го научи) дека треба да биде уредно во душата, чисто во окото, да носи книги и во торбата и во умот, топол збор меѓу усните, почит во дланките, да распознава кој каде е и зошто е таму. Земјата во која твоето дете виде море. Научи што е професор. Родител. Другар. Сосед. Постар. Врсник. Има пријатели кои од прекусвета ќе дојдоа на гости, со воз, јавајќи си ги торбите.

Ма знам јас дека си во право. Треба човек да не потклекне пред прашањето зошто бе вака, кој ѓавол. Да не се плаши дека еден ден, таму од горе ќе се срами гледајќи што дозволил. Да не се праша самиот себеси зошто оние најдобрите остануваат сами во овој еуфоричен животен рингишпил, додека лошковците се вртат се повисоко и повисоко толку силно, да на добрите им се слошува од што гледаат во тие осветлени кругови над нивните глави. За нив таму горе нема место. Немаат резервација и го гледаат виорот благодарни на корчето леб во тоа немилосрдно животно кино.

Ма имаш право, татко. Не треба ние помладите, најдобар мој френду за муабет и топла дланка, да бидеме депресивни, летаргични, апатични, исплашени. Точно е. Ама ете – како да се помириме со фактот дека така убаво и лесно ние научивме да бидеме вие, независно од се. Но, се потешко е да создадеме филм во кој нашите деца ќе бидат ние.

Фејсбук статус на Елизабета Секирарска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e