Че си лежите, сепак!

Во тековните полемики и анализи за американските и глобалните последиците од победата на Доналд Трамп во САД, го слушам некни на радио познатиот професор по историја од Јеил универзитетот, Тимоти Снајдер, прославениот експерт за холокаустот и за историјата на Европа од минатиот век, како жестоко се залага за тоа дека граѓаните денес не треба да чекаат нив да ги спасат институциите, туку дека треба тие самите да ги спасуваат институциите!

„Времето на пост-вистина е време на пред-фашизам“, вели Снајдер, потсетувајќи дека, историски погледнато, најголемите диктатори, од типот на Хитлер и Сталин, не дошле на власт со помош на воен удар или со насилно преземање на државата, туку со некаква форма на поширока согласност, со чекор-по-чекор стратегија за „заробување“ на институциите на државата, паралелно на тоа ширејќи ја својата малигна пропаганда на омраза и страв во општеството.

Професорот по хуманистички науки Енцо Траверсо, пак, од американскиот универзитет Корнел, вели дека Трамп е, всушност, „постфашистички“ опортунист, кој само извонредно политички се вклопил во општествениот тренд на она што тој го нарекува „капитализам без човечки лик“.

Седумдесетина години по нивниот воен и политички пораз, нацизмот на Хитлер и фашизмот се повторно баучот што кружи низ светот, без разлика дали станува збор за гафовите на секретарот за односи со јавност на Трамп, Шон Спајсер, кој ја продолжува „трамповската“ низа од несмасни релативизирања на последиците од Холокаустот; за Ердоган кој – замислете! – ја обвинува Ангела Меркел и цела Холандија за модерни промотори на фашизмот; за неофашистичките симпатии на Марин Ле Пен кон колаборационистичката француска влада од Виши и за нејзиниот кандидатски претседателски противник Емануел Макрон, кој вели дека токму нео-фашизмот „е вистинското лице на крајната француска десница, нешто против што јас се борам!“; за употребата, во наци-стил, на хемиското оружје од страна на Асад против сопствениот народ; или за руската воено-хушкачка пропаганда дека демократските сили во Украина се, всушност, само про-фашистички антируски марионети на Западот…

СОНЦЕТО НА СЛОБОДАТА

Ако ни е за некаква утеха, темата за фашизмот, овдека, во Македонија, ја отворивме неколку години пред тоа да го сторат повеќето наши колеги од светот. Постапно, но упорно и со растечка решителност, ги ставивме нашите мали, злобни неофашистичиња „од нашето маало“ под блесокот на критичките рефлектори, ги истегнавме за ушињата на светлото на денот, бидејќи, да ја парафразирам компаниската девиза на Вашингтон Пост, ние знаеме дека „демократијата умира во мрак“. Е, под тие зраци на „сонцето на слободата“ нашите локални Белизе-пропагандисти на страв и поданичка психологија пелтечат и се потат како ороспии в црква, се пенават низ етерот и низ плоштадите од беснилото на поразот во „изборната победа“ и се препелкаат во правливите закани дека, ако Фамилијата треба да оди в затвор, и нивната продолжена иднина на корумпирана клиентела, платена со нашите скапи даночни пари, е доведена во прашање. „Народот“, тврдат овие безимени штрафчиња на пропагандното зло, да ти бил „на готовс да ја брани Македонија“!

Клучните елементи на таа популистичка идеологија на неслободата, на неколкуте работи што им се од животна важност на фашистите – порака, лидер, мит, тоталитет, народ и тн. – во Македонија, во својство на практични „лидери во регионот“ (Србите, на пример, допрва ги чекаат шарените години на нивната улична револуција), ги разглобивме во детали, благодарејќи на извонредните политички, аналитички, невладини и новинарски напори на слободарската македонска заедница. Приказната на нашите модерни политички и пропагандни неофашисти, обединети околу подмолниот обид македонските Албанци и „предавниците во македонската нација“ да се поистоветат со улогата на Евреите во „поткопувањето“ на предвоена Германија, денес поминува само кај најзатупавениот дел од јавноста, оние чии „борнирани“ мозоци секојдневно сѐ уште се обработуваат по митинзите на „патриотите“, кај црнокошуљашите, гдомовците, низ информативните програми на Сител и од подмолните шовинистички парастоси на онаа одвратна неколкучлена екипа од македонски владици.

ПАТРИОТСКИ ЛОПОВИ

Да, признавам, би можело да се полемизира со тоа дали неколкуте десетици главни претставници на оваа македонска неофашистичка плејада се повеќе актери во клептократската, лоповска варијанта на македонскиот „капитализам без човечки лик“, отколку што се идеологизирани крајни десничари чии оперетски „воени крила“ отворено најавуваат предизвикување и на граѓанска војна за некаква „одбрана на татковината“ и за неодење в затвор на Фамилијата. Но, суштината е во тоа што, иако не престануваат со своите секојдневни милионски кражби – или, всушност, токму заради тоа! – нивната окупација и узурпација на македонските демократски и државни институции, од претседателската па надолу, продолжува да ја влече целата земја и големото мнозинство „нормални“ граѓани во државава во вортексот на секојдневната безнадежност, очај, страв и неизвесност за опстанокот не само на самата држава, туку и на општеството како демократски договорена асоцијација на поединци, семејни заедници и други колективитети кои сакаат мирен и слободен живот.

Во оваа смисла, дојдовме до точката во која треба да се предупреди дека пожарот на Рајхстагот е најстариот трик во учебниците на диктаторите. Не знам на која терапија е Груевски во Систина – можеби се пратени некои ретки, лековити тревки од руските степи; или се пријавил да учествува како пациент-доброволец во подготвителните студии за отворањето на новата фабрика за марихуана што некни ја најавил на Фејсбук? – но, гледам дека тој повторно се враќа во формата на оној нам добро познат опуштен лажго, на оној извежбан Минхаузен кој, до пред две-три години, неуморно сечеше по три црвени ленти дневно на градежните парцели на нивната голема приватна национална компанија Македонија. Е, тој Црн Грујо сега полетно најавува судири и ги поттикнува Македонците да се соберат во одбрана на неговата разбојничка Македонија, предводени од багери кои би требало да го заземат Собранието доколку тоа легално и легитимно се конституира. И, ви велам, не планира тој да го стори тоа без да го запали Рајхстагот, зашто мисли дека, потоа, ќе може за оганот да го обвини собраниското мнозинство.

СТРАВОТ КАКО ПОЛИТИКА

На нашиот Мал Нерон, недоучен каков што е, заборавиле да му кажат дека на вистинскиот Нерон, од историјата, главниот политички советник и пишувач на говорите сепак му бил големиот филозоф Сенека, а не некаков Илче или Протуѓер; а и дека за наводното Нероново палење на Рим историските докази се, во најдобар случај, неуверливи. Сакам да кажам, можеби Грујо навистина се надева дека правдата нема да ги стигне доколку пожарот добро се разгори и се прошири, но гледајте на што се сведени: ако до пред две-три години систематското ширење на пожарот на стравот и заканите им беа само средство за спроведување макар и на некаква политика, денес тие им станаа единствената, главна политика. Тоа, објективно, не може добро да заврши за Фамилијата, со или без палењето на Рајхстагот. Че мора да си лежат, сепак.
Со овие убави, антипиромански желби, посакувам среќни празници за сите оние кои и деновиве опстојуваат во силината на верата во Бога и неговото воскресение. А и ние, другите, во нивна чест ќе запалиме некоја скаричка во потрага по мир и милост, барем во продолжениов празничен викенд.

Сашо Ордановски

(Објавено во Слободен печат)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e