Борба за власт со супервизии и лаги

ВМРО-ДПМНЕ не избира средства за да ги врати на власт олигарсите кои единаесет години, со злоупотреби на механизмите на државата, безмилосно не ограбуваа нас граѓаните. Најомилени ВМРО-вски средства во борбата за власт очигледно се блокадите на законодавната дејност на Собранието проследени со без скрупулозни лаги против актуелната власт. Со блокирање на донесувањето на законите и другите одлуки на Собранието ВМРО-ДПМНЕ најнепосредно им ја влошува состојбата на граѓаните кои очекуваат покачувања на платите и пензиите и на кои, во оваа тешка економска состојба која на Републикава и на сите држави на Планетава им ја наметна пандемијата на смртоносниот ковид 19, секој денар повеќе многу им значи.

Покрај тоа, поради блокирање на други одлуки од надлежност на Собранието и неговите работни тела, Републикава која упорно се бори за свое „место под сонцето“ во меѓународната заедница, нема амбасадори во, за неа, најзначајните држави. Уставниот суд, наместо со девет судии, работи само со пет. Со тоа често се оневозможува донесување на одлуки за уставноста на закони и други прописи кои се од енормно значење за граѓаните.

Со таквото однесување ВМРО-ДПМНЕ врши најгруба субверзивна дејност против власта и против државата. Од ВМРО-вските субверзии најмногу страдаат граѓаните. Својата субверзивна дејност ВМРО-ДПМНЕ ја покрива со без скрупулозни лаги и обвинувања на власта на СДСМ и коалиционите партии за наводна партизација на институциите, за наводна невидена корупција, наводен популизам и сл.

Основна цел на ВМРО-вските субверзии е оневозможување и отежнување на функционирањето на органите на власта за да може ВМРО-овските војводи и војвотки да ја обвинува власта за неспособност да се справи со проблемите кои на светот му ја наметна вишата сила – пандемијата на ковид 19.

Обвинувањата секогаш се проследени со барања за предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ очигледно се надева дека со предвремени парламентарни избори повторно ќе ги врати на власт олигарсите на кои верно им служи и за кои десет или дванаесет милиони евра за ослободување од притворски „бајбок“ се како десет или дванаесет илјади денари за нас, обичните смртници – граѓани на Републикава.

ФБ статус на Темелко Ристески

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e