Ние протестиравме во поддршка за СЈО, но никогаш не протестиравме за Катица Јанева, вели поранешниот пратеник и некогашен првоборец на „Шарената револуција“, Павле Богоевски.
Ние протестиравме за функционерите, доколку направат некакви кривични дела, да бидат повикани на одговорност за истите. Иако е многу разочарувачки случајот „Рекет“, ова го гледам како шанса да се покаже дека тие работи за коишто се боревме ќе бидат применети на дело и дека луѓето кои биле или се функционери, ќе одговараат доколку направиле кривично дело, рече Богоевски во изјава за „Канал 5“.
Богоевски е последен во низата на јавни личности кои јавно се откажаа од специјалната обвинителка. Oд колешката се огради и обвинителката Лиле Стефанова, која рече дека од самиот старт била воздржана кон работата на Јанева. Вчера, пак, Фатиме Фетаи порача дека секој што се огрешил пред законот треба да одговара.