Нашата политичка стварност, нашето секојдневие и преовладувачкиот медиумски наратив, сите станаа апсурдно самоповторливи дневни дејствија и искази што како да излегле од култниот филм „Денот на мрмотот“. Се сеќавате, тоа е една слатка апсурдна комедија од раните деведесетти во која главниот јунак повторно, секој ден, се буди во истиот час од истиот ден, при што – колку и тој да се мачи да го смени – настаните од денот се случуваат по истото сценарио.
Секој божји ден земјава библиска дочекува претседатели, премиери, министри за надворешни работи и високи конзули и прокуратори од Европската Унија и буквално секој ден тие ќе го поминат во истиот ритуал, сретнувајќи се првин со челниците на македонската држава, со кои во хор ќе ги отпеат првите страници од либретото за апсолутната посакуваност, неопходност и безалтернативност на нашиот пат за интегрирање со Европската Унија.
Потоа сите странски перјаници и високи чинови ќе појдат, како на аџилак, да зборуваат со раководството на злосторничкото здружение ВМРО-ДПМНЕ и да го убедуваат дека нивните гласови – без коишто не може да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните промени со кои во преамбулата ќе се вметне бугарското малцинство – ќе бидат врвниот доказ на нивната државничка зрелост, политичка мудрост, патриотизам и што се не.
Тој ист ден секогаш почнува со истата бурлескна изјава на шефот на злосторничката дружина во која тој смирено, со олимписка достоинственост и со жална и загрижена гримаса, кажува дека ќе бил нападно и неочекувано „изненаѓен и увреѓен“ доколку целта на посетата на странските великодостојници била да зборуваат само за уставните измени!? Хахаха, санким некој цезар или принцепс од Римската Империја ќе дошол во овој ѓол за да дивани со шибицари од вемерето за судбината на планетата земја, за руско-украинската војна или за климатските промени!? Каков селски позер, и какви ми ти проѕирни финти од шесто одделение. Па, зарем некој со повисок чин од хотелски портир ќе се крене од неговиот европски дом и ќе допатува во оваа вукојебина само за да расправа тези од „Критиката на чистиот ум“ со инфантилизираниот арамбаша на една провинциска арамиска дружина, еееј апсурде најневозможен!
А денот завршува секогаш со херојската изјава на арамбашата на вемерето, во која тој го повторува – во слава на мрмотот или како омаж на некоја друга пародија – историското „не“ на бугарските уцени. Бескрајната апсурдност на ситуацијата, исто како и содржинската повторливост на денот на мрмотот што го живееме, не се менува структурно ни за влакно, иако од Европа почнаа да доаѓаат римските конзули веќе во тројки, а од „наша“ страна почнаа да ги дочекуваат цели чети од вмровскиот башибозук. Како се заглавивме во оваа бесмислена, здодевно и иритирачки повторлива бурлеска на апсурдот?
Приказната како заглавивме е долга и глупава, исто како и повторливата ситуација во која се најдовме, но на најлесен начин може да се сликува преку метафората за морковот и стапот. Се сеќавате, нели, на приказната за натовареното магаре, згора јавнато и од неговиот стопан, кому овој како мотивација за магарето да тргне, му врзал морков на едниот крај на стапот и му мавтал со него пред муцката. И така, привлечено од морковот што никако да го дофати, магарето влечело напред, а кога ќе застанело стопанот го тепал со другиот крај на стапот. Всушност, станува збор за езоповска варијанта на изреката „кој не сака со арно, ќе засака со ќотек“.
Во нашиот случај првите децении од патот кон евроатланските интеграции беа во форма на еден грандиозно голем морков, убав како божилак што ја натсводува рајската долина исполнета со сигурност, благосостојба, странски инвестиции и со европски вредности. Меѓутоа, од 2014-та работите се сменија во насока на стапот, а од минатата година стапот како да се здебели, та отсега натаму наместо морковести ветувања ќе го добиваме само стапот, со различни дебелини, џумки и глуждови на него. Иако стапот сѐ уште ни доаѓа завиткан во убави зборови, сепак во изразите на поддршка и охрабрување, што конзулите од Европа и од Америка секој божји мрмотов ден ни ги пеат през нивните гостувања во нашата земја, од букетот флоскули неминовно се појавува врвот од глуждовитиот стап, во форма на секакви закани и застрашувања што нѐ демнат доколку смело не го потегнеме товарот уште едно брдо поугоре.
Како единствена мотивација ни останаа мрачните перспективи на несигурниот, темновиолетов, изроварен и опустен пејзаж, што ја опкружува тенката и безалтернативна патека кон Европа. Околу неа, доколку не ги поместиме Бугарите во Уставот, нѐ чекаат само изолации, несигурност, внатрешен расцеп и пропаст и, се разбира, непрегледни орди на моќните и зловести азиски деспотии што ќе нѐ проголтаат во мракот. Елем, да не го тенчиме, туку да ја извадиме на виделина самата срцевина на метафората за морковот и за стапот: каква и да е мотивациската метода, било да е тоа морковот или стапот, магарето е секогаш натоварено и јавнато и, се разбира, секогаш останува магаре. И, уште поважно: изборот помеѓу морковот и стапот е само привид, зашто магарето всушност никој не го прашува кај треба да оди, а ниту, пак, тоа го бирало товарот што го мкне.
Но, од друга страна, мозокот грешен не сака да ги прифати, всушност не може да ги протурка низ менталното сито несфатливите апсурди што излегуваат од нашиот евроинтеграциски ден на мрмотот. Првин, дека целата европска и американска политичка и дипломатска армада доаѓа на бацирака кај криминална партија што треба за своите злостори против државата и уставниот поредок на Македонија да биде избришана од регистарот на партии и расформирана, сите нејзини членови што нема да ги признаат злоделата и нема да се покајат за злосторите треба судски да се гонат, а имотот што е украден од народот македонски (пред сѐ Куќата на фашизмот во која штабуваат) треба да биде конфискуван како и секој криминално стекнат имот. Има ли поголем апсурд од овој? Тоа значи дека оној што ја креирал ситуацијава, обезбедил целата западна политичка елита практично да ѝ даде важност, да ја факторизира и да ја легитимира злосторничката партија на арамии и качаци. Офлеле мајко мила.
целата колумна на Мирослав Грчев за Слободен печат на следниов ЛИНК.