Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановск иза ЦивилМедиа:
-Ете, дојдовме и до таа точка: најавата на премиерот Зоран Заев за помирување, завршува со амнестија. Тоа (дека е амнестија) го тврдевме уште од моментот кога Заев за прв пат го изусти помирувањето во Собранието.
Целата оваа операција говори многу за тоа како функционира Заев политички. Речиси е сигурно дека тој се потврдува како мошне контроверзен политичар, флексибилен и кога треба да се економизира со вистината до мерка што може да го доведе самиот концепт на тој општествен феномен во прашање, но секогаш прагматично ориентиран, ласерски фокусиран кон постигнување на резултат. Во случајов, тој резултат може доволно растегливо да се толкува како „општо добро“, врз основа на националниот политички консензус за членство на земјава во НАТО и ЕУ.
Има нешто (и ова не го кажувам сефте) во тоа негово струмичко потекло, тој ендемски унијатски дух што пирка таму, таа една протестантска прагматичност која ја имаше и методистот Борис Трајковски. И социјалдемократи и вмровци, таму како сите од ист казан по слави да сркале, како од иста крава млеко да молзеле, па некако практичноста и крајниот успех, а не недостижните морални императиви, им го дефинираат политичкиот концепт. Нема дескрипции, сентименти и фрустрации – потрагата е по решенија и ефект!
Раскажува еден висок американски дипломат: „Пред дванаесет месеци да ми кажевте дека Македонија ќе биде членка на НАТО за година-две, ќе се искинев од смеење! Верувале или не, денеска тоа е реалност!“… За ваква прагматичност ви говорам. Американците се вљубени во оние кои вакво нешто можат да испорачаат во политиката. Русите преферираат свирење балалајки.
Да нема дилеми, оваа амнестија нема да доведе до никакво помирување. Тоа е едно политичко тра-ла-ла згодно за „камуфлирање“ на политичкиот пазар. Значи, помирување ќе нема – освен помеѓу некои луѓе кои седат во собраниските клупи, можеби – но, затоа, од неа ќе има две конкретни политички последици: прво, ќе се олесни процесот во добивање двотретинско мнозинство за неопходните промени на Уставот, за да помине „Преспанскиот договор“; и, второ, ќе се оштети правната држава до степен што, во јавноста, повторно ќе го доведе во прашање концептот за тоа дека во Македонија пред законот се сите исти. Мнозинство ќе има; пред законот не сме сите исти.
Koлумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.