Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:
-За ајдуците тендери, за криминалците амнестија, а за чесните повисоки даноци.
-За што ќе одат парите од прогресивниот данок што ни го воведува Владата на СДСМ? За платата на оној Александар Трајковски, советникот во Oпштина Гази Баба и вработен во Царинската управа, што го видовме во друштво на избеганиот Никола Груевски во Будимпешта? Што има да каже сега министерот Драган Тевдовски за неговиот вработен што зел боледување за да си го посети почесниот претседател и избеганиот лидер? Тоа ли е правичното оданочување за кое цело време зборува? Зошто да си трошиш денови од одмор, кога можеш да си земеш боледување? И кога има будали граѓани кои тоа ќе го платат.
И градоначалникот на Скопје Петре Шилегов продава финти, кога ѝ вика на советничката Светлана Колариќ таа да седне да направи список кој да се избрка од 1.200 вработени во администрацијата на Град Скопје. Па не ја гласавме Колариќ за градоначалник. А и Петре, колку вработени има во неговата адвокатска канцеларија? Има ли вишок вработени? Нема. А зошто нема? Затоа што е домаќин човек. Ама домаќин со свои пари. А кога работи со наши пари, нека се греат во бараките во Парк 1.200 вработени. Има будали што ќе ги плаќаат.
И премиерот Заев, дали во неговите фирми има некој директор задолжен за спроведување на некој договор за пиперките, што не доаѓа на работа 7 месеци? Како вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика што не доаѓал на седници на Влада. Колку странски инвестиции има донесено советникот Љубе Бошковски? Им плаќа ли плата Кочо Анѓушев на советници во неговите фирми што не му ја вршат работата?
– Прашањето со јавната администрација било многу сложено. Е па, извинете што им се мешаме во работните навики на 1.600 поддржувачи на ДУИ што седат дома на државна плата. И да ги оставиме на раат да си ги поминат деновите од боледување сите напикани во државните и општински институции по партиски список. Малку им се 26 работни денови гарантиран одмор.
Многу ќе било болно ако се избркаат од работа. А нив баш ги заболе таквото што ние ќе плаќаме повеќе за нивните плати.
Единственото олеснување за Буџетот што ќе го почувствуваме веќе од февруари е што на избеганиот пратеник Никола Груевски ќе му плаќаме пет отсто помала плата.
2Понекогаш си мислам дека овие од СДСМ си седат и си се натпреваруваат во давање идеи како да ги оддалечат од себе своите поддржувачи. И тоа особено оние поддржувачи што од нив не бараат никакви партиски услуги, туку само добро владеење.
Прво, си рекоа дај да ги поделиме тендерите по наши луѓе и дај да не отпуштаме никого од вмровците, ама да си вработиме наши во администрација. Па ги изгубија лојалните. Сега викаат, ќе ги амнестираме криминалците. Па ги изгубија чесните. И како тоа ќе го компенизираме? Ќе им го покачиме данокот на тие што не зависеа од платите и уцените на Груевски. На тие што излегуваа на протести без партиска команда. И на тие неопределените што имаа храброст отворено да се спротивстават на режимот и ни помогнаа да дојдеме на власт, оти само со нашите не можевме. Ќе им смислиме прогресивен данок. Оти, тоа било праведно.
Колумната во целост прочитајте ја на следниов ЛИНК.