Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Синадиновска за Капитал:
-Анкетата на ИРИ откри дека мнозинството граѓани ќе го поддржат референдумот, ама и дека точно прават разлика помеѓу успешна и неуспешна политика. Паралелно со пофалбите за водењето на надворешната политика и транспарентноста, тие имаат сосема прецизни забелешки во областите на владеењето на правото, борбата со корупцијата и организираниот криминал, кадровската политика, подобрувањето на бизнис климата и условите за живот. Ова значи дека македонскиот граѓанин точно ги дефинирал стратешките државни интереси, го препознал патот што води до нив и знае дека да се стаса таму значи единствена можност вистинската битка против сите тендерољупци и политички профитери, битка за политика на одговорност и на визија, битка за општество во кое конечно најдобрите ќе бликнат на површина, таа битка конечно да почне
Голема радост донесе веста дека детето од Охрид, Марко Пејчиноски го преплива Охридското езеро. Марко има само 12 години, но и некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на нарушување на крвотокот што доведува до проблеми со моториката, два моменти што неговиот успех го искачуваат на ниво на подвиг. Но, доволно е само малку да прочитате за него, од луѓето кои го познаваат или да погледнете некоја негова изјава, за да сфатите дека победата на Марко, е сосема очекувана и воопшто не треба да изненади.
Еден од неговите доктори, на пример, вели:
“Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете. Знае како тоа да го синхронизира. Јас немам видено таква волја. Ова што денес го направи е голем подвиг кој ќе се памети”.
Самиот Марко, пак, во пресрет на потфатот кажа:
“Некои мислат дека ќе испливам, некои велат дека е тешко и нема да успеам, а јас 100% сум сигурен дека ќе го препливам Охридското езеро”.
Невидена волјa и стопроцентна убеденост за и во реализацијата на сопствената мисија. Не е можно да ги поседувате двете и да не успеете, тоа е пораката на ова дете до јавноста, а со оглед на фасцинацијата и восхита што можеше да се забележи и во известувањето на медиумите и во реакциите на социјалните мрежи, таа порака соодветно и беше испратена.
Но, дали е истата соодветно и примена? Колку е македонската јавност подготвена да слуша приказни за исполнети мисии и цели, за истрајна борба? За таква, стопроцентна убеденост и посветеност. За влијанието на сопствените капацитети и ангажираност врз крајниот резултат, фактори што се помоќни од надворешните околности и сили што влечат удолу (Марко во деветчасовниот потфат немаше помош од временските прилики, напротив, работата му ја отежнаа бранови и северен ветер).
Ова општество со години живее(ше) во грижливо создавано и негувано чувство на немоќ, паралелно со лажна перцепција за сопствените и големина и квалитети. Сраснати со улогата на жртви, наративот беше јасен – ние сме најдобри, највеличествени и најспособни, но таму сме на дното на сите можни листи кои мерат квалитет на живот поради голиот факт дека светот не’ мрази и дека реалноста не’ исправила пред нефер предизвици наметнати од надворешни фактори (лоши соседи и пресметливи светски сили). Во ваквата улога македонскиот граѓанин сосема се занесе, па од жртва на светската неправда, лесно прифати сопствениот успех (ама и оној колективниот, на државата) да биде жртва и на домашните “надворешни” фактори. Не е јасно дали други некои граѓани би презентирале еднаков стоицизам во прифаќањето и помирувањето со агресијата со која моќниците (и тоа под знамето на патриотизмот, каква дрскост!) со години ги пљачкосуваа нивните џебови. Не е јасно дали некој друг народ еднакво и стоички ќе издржеше доказите за ваквата ненормална пљачка да му бидат дадени на увид, а на следните избори повторно стотици илјади граѓани да посакаат грабежот да продолжи, исто како што не е јасно и дали некој друг народ ќе толерираше најотворени обиди од новата власт за легитимирање на дел од структурите кои директно беа учесници во овие процеси.
Колумната во целост прочитајте ја на следниот ЛИНК.