Откако украинската пејачка Алина Паш се откажа од настапот на Евровизија, организацискиот одбор на украински Видбир, одлучи која песна нивната земја ќе ја претставува во Торино. Украина во Италија ќе го испрати составот Kalush Orchestra и песнта „Stefania“.
Главниот пејач на групата бил воодушевен кога ја слушнал таа вест.
„Благодари сме им на сите кои нè поддржаа во финалето и ни дадоа место на сцената на Евровизија. Му ветувам на секој човек во Украина дека нивната одлука ќе ја оправдаме. Во овие тешки времиња за нашата земја, ќе покажеме кои сме! Подготвени сме да ја претставиме Украина пред цела Европа“, изјавил Псиук за официјалниот канал на Евровизија.
Во коментарите под Јутјуб видеото добиле поддршка од цел свет.
Групата Kalush Orchestra го освоила второто место на Видбир, па било одлучено тие да ја претставуваат Украина, а Алина Паш која го освои првото место пред неколку денови објави поради што се откажува од натпреварувањето.
„Јас сум државјанка на Украина, ги почитувам законите на Украина и се обидувам на светот да му ја покажам традицијата и вредностите на Украина. Тоа како оваа приказна се разви нималку не е тоа за што мојата песна зборува. Јас сум уметничка, а не политичарка. Немам војска менаџери и адвокати да можам да одговорам на сите тие напади и притисоци, како и на заканите“, напишала таа по победата.
„Не сакам да учествувам во оваа виртуелна војна и омраза. Не сакам повеќе да бидам во оваа валкана приказна. Со тешко срце се повлекувам од својата кандидатура за претставничка на Украина на Евровизија. Навистина ми е жал. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ме поддржуваат“, истакнала пејачката.
Сите напади кон неа започнале кога во јавноста протекла информација дека Алина во 2015 година го посетила Крим поради што започнале да ја напаѓаат на социјалните мрежи и да ѝ се закануваат. Меѓудругото останатите ѝ порачале дека таа е непријател на Украина.