Уапсени киднаперите што го застрелаа шетачот на Лејди Гага

На сите им е одередена кауција од еден милион долари

Верувале или не, жената што ѝ ги вратила украдените француски булдози на Леди Гага е меѓу петте лица уапсени во врска со истата кражба и нападот врз шетачот на кучиња на музичката sвезда, соопшти полицијата во Лос Анџелес, пишува „Гардијан“.

Детективите се сомневаат дека крадците знаеле дека кучињата ѝ припаѓаат на поп-sвездата, се вели во соопштението на полицискиот оддел во Лос Анџелес.

Мотивот за грабежот на 24 февруари, според истражителите, е вредноста на француските булдози – која може да достигне илјадници долари.

Шетачот на кучиња, Рајан Фишер, закрепнува од прострелната рана, а во објавите на социјалните мрежи тој го нарече насилството „многу блиска средба со смртта“.

Тој шетал со трите кучиња на славната пејачка – Азија, Коџи и Густав – во Холивуд веднаш до Булеварот Сансет, кога бил нападнат.

Видеото од камерата на блиската куќа покажува како бел автомобил застанува и двајца мажи скокаат од него. Тие го напаѓаат Фишер, а едниот од нив вади пиштол и испукува еден куршум пред да избега со двете кучиња, Коџи и Густав.

Видеото го снимило плачењето на Фишер:

О, Боже мој! Ме застрелаа! Помогнете ми!’ Крварам од градите!“

Леди Гага понудила награда од 500.000 долари, „без поставување прашања“, за да ги најде своите кучиња. Пејачката била во Рим во времето кога се случил грабежот.

Кучињата биле донесени во станицата два дена подоцна од жена која на почетокот изгледала како да не е „вмешана и не е поврзана“ со злосторството, соопшти полицијата.

Не било веднаш јасно дека жената, идентификувана како 50-годишната Џенифер МекБрајд, ја добила наградата.

Се покажало дека МекБрајд била во врска со таткото на еден од осомничените, соопшти ЛПД.

Полицијата ги уапсила Џејмс Џексон (18), Џејлин Вајт (19) и Лафајет Валеј (27) под сомнение за обид за убиство и грабеж.

Таткото на Вајт, 40-годишниот Харолд Вајт и МекБрајд биле уапсени под сомнение за обид за убиство.

Обвинителството на округот Лос Анџелес обвини петемина осомничени.

Не е познато дали тие имаат адвокати кои можат да зборуваат во нивно име.

На петемината им е одредена кауција од еден милион долари.

Леди Гага не ги коментира апсењата на социјалните мрежи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e