Кара Делевињ открила како започнале нејзините проблеми со менталното здравје.
Кара Делевињ открила дека нејзиниот проблем со злоупотреба на супстанции почнале уште во раното детство, а кулминирале со нервен слом на нејзини 15 години. Во разговор за магазинот „Вог“, 30-годишната манекенка признала дека првпат се напила на 7 години:
„Се разбудив дома кај баба ми со мамурлак, во фустан на деверица. Одев наоколу и пиев чаши шампањ на екс.“
На само 10 години ѝ биле препишани таблети за спиење во обид да се избори со својата несоница, а кога била тинејџерка ѝ била дијагностицирана диспраксија, невролошка состојба што влијае врз физичката координација.
Кара навела и дека набрзо почнале нејзините проблеми со менталното здравје и самоповредувањето и открила дека пробала разни терапии за да се избори со тоа. На 15 години доживеала нервен слом, кој го смета како резултат на тоа што не се соочувала со проблемите на време, па тие се натрупале и избиле на површина.
„Бев на лекови и тоа едноставно… ми го спаси животот“, додала таа.
Оваа позната манекенка која стана и актерка, признала дека имало моменти кога ја удирала главата од дрво за да се повреди, обидувајќи се да се нокаутира. Ѝ препишувале антипсихотици поради размислувањето да си го одземе животот.
Кара имала проблематично детство со мајка која се борела со зависност од хероин. Понекогаш, Пандора (инаку ќерка на сер Џоселин Стивенс, издавачки магнат и Џејн Шефилд, дама на принцезата Маргарет), дури и се иселувала од дома за да се обиде да ги заштити децата да не ги гледаат нејзините фази од борбата со зависноста.
Пандора неодамна изјавила:
„Или си зависник или не си. Јас сум. Параноична сум за тоа дали девојките можеби ќе почнат премногу да пијат или да земаат дрога. Разговарам со нив за тоа. Обично велат: ‘Добро сум, мамо’ или ‘Јас сум ова или она’, но не се зависници“.
Ваквата нестабилност имала сериозно влијание врз Кара. Бегството од оваа ситуација ѝ било овозможено преку Сара Дукас од модната агенција „Сторм“, која ѝ предложила на Кара да се испроба пред камерите. Иако сакала да стане актерка или рок тапанарка, Кара веднаш станала многу успешна како моделка. Во 2012 година таа станува новата главна модна девојка. Со своите 20 години, карактеристични густи веѓи и необичен карактер, таа веднаш стана ѕвезда.
Сепак, подоцна признала:
„По неколкуте години во моделството, сфатив дека манекенството не е добро за мене, како физички така и психички и дека треба да пробам други различни работи.
Не е сè во парите. Стигнувате до точката кога велите: ‘Заработив пари, но многу сум несреќна и сама’“, додала таа.