Пејачот од Босна и Херцеговина, Дино Мерлин ги распродаде билетите за три арени „Штарк“ во Белград, билетите за четвртиот концерт во моментов се пуштени во продажба, иако последните денови се крена голема прашина за забраната за одржување на неговите концерти во Белград.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Во изминативе денови имаше онлајн петиција, која беше потпишана од речиси 60.000 луѓе за забрана на концертите на Дино Мерлин во Србија, која потоа беше отстранета од веб-страницата, а пејачот сега во интервју за српски „Курир“ се огласи на оваа тема.
„Мал или поголем број на изманипулирани луѓе – сеедно тие сепак се изманипулирани луѓе. Можете да возите Формула 1, 300 на час, но ако возите во погрешна насока, не сте на вистинскиот пат. Кога некои крајно злонамерни манипулатори објавуваат нешто вакво малициозно, тогаш обичниот човек кој само ги чита насловите реагира како што тој реагира; не проверува, само кликнува, затоа што не треба многу труд за да се кликне“, вели Дино.
„Искрено кажано, жалам за луѓето кои се декларираат врз основа на такви озлогласени невистини. Но, убеден сум дека огромното мнозинство со гадење ги отфрла овие и слични петиции и иницијативи кои нанесуваат непоправлива штета на општеството во целина и на сите нас. Секако, драго ми е што петицијата во меѓувреме е отстранета, што и го очекував, а тоа е единствената фер работа. Затоа што, како што вели старата мудрост: „Некои луѓе можеш да ги измамиш постојано, а сите луѓе понекогаш, но не можеш да ги измамиш сите луѓе цело време“, продолжува.
Тој додал дека е убеден, дека мнозинството луѓе ги отфрлаат ваквите и слични петиции и иницијативи, за кои вели дека нанесуваат непоправлива штета на општеството и на сите нас. Пејачот истакнал дека „некои бескрупулозни луѓе“ инсистираат да го прикажат како што не е.
„На ист начин, во 2011, 2015 и овде во 2023 година. Така, кога и да настапувам во Белград, тие континуирано го рециклираат истиот наратив и упорно манипулираат, конструираат, фалсификуваат и фрлаат прашина во очите на луѓето. Мноштвото вакви и слични срамни и понижувачки клевети и навреди против мене морав да ги побијам на суд“, објаснил пејачот.
Дополнително Дино објаснил дека по петгодишно судење, Високиот суд во Белград донел правосилна пресуда во негова корист во која се вели дека не е дозволено да му се припишува фразата за болни Срби, да се опишува како личност која се прославила со своите антисрпски ставови, зошто во судската постапка не е утврдено дека тој некогаш дал такви изјави.
„Врз основа на утврдените факти дека објавените информации се нецелосни, непроверени и затоа невистинити, ставот на судот е дека овие текстови се објавени со цел да се создаде непријателство кај публиката и читателите кон Дина Мерлин“, додал тој.