Обожавателите на Тејлор Свифт ќе поднесат тужба против Ticketmaster поради хаосот со продажбата на билети за нејзината претстојна турнеја.
Deadline и TMZ објавија дека повеќе од 20 обожаватели на славната пејачка поднеле тужба против Ticketmaster, која е во сопственост на Live Nation Entertainment. Фановите го тужат Ticketmaster за „измама, местење цени и прекршување на антимонополските права“. Во тужбата, исто така, го обвинија Ticketmaster за „намерна измама“ што им овозможи на препродавачите и ботовите да земат поголем дел од билетите за турнејата The Eras.
„Со години препродавачите се проблем на секундарниот пазар. Ticketmaster изјави дека презел чекори за решавање на проблемот, но во реалноста презема чекори за да заработи дополнителен профит од препродадените билети“, се наведува во тужбата. Фановите на Тејлор Свифт тврдат во тужбата дека Ticketmaster го контролира примарниот пазар за билети и дел, ако не и целиот, секундарен пазар.
„Ticketmaster тврдеше дека само оние со шифри ќе можат да се приклучат на претпродажбата, но милиони клиенти без кодови можеа да добијат билети. Многу од оние без кодови беа препродавачи, а Ticketmaster имаше корист од препродадените билети бидејќи тие мора да се препродадат на Ticketmaster , кој добива дополнителен надомест“, се наведува во тужбата.