Почина Џозеф Мерса Марли, внук на легендарниот Боб Марли, на возраст од 31 година, пишува магазинот „People“.
Неговиот портпарол ја потврди смртта, а според радиото „WZPP“, Џозеф бил пронајден во својот автомобил. Официјалната причина за неговата смрт се уште не е објавена.
Од Џозеф се опрости и премиерот на Јамајка.
„Нека најде вечен мир додека ние го оплакуваме неговото заминување“, изјавил Ендрју Холнес.
Од детството бил опкружен со музика
Роден е на Јамајка во 1991 година, но на 11 години се преселил во Мајами. Од рана возраст бил изложен на музика. Џозеф ја објави својата прва песна во 2010 година, а 4 години подоцна објави и албум со наслов „Comfortable“.
Минатата година го објави својот втор и последен музички албум наречен „Eternal“.
Додека ги промовираше песните, Џозеф зборуваше и за својот дедо.
„Секогаш ги слушаме мислењата на луѓето за улогата која ја играше, не само како член на семејството и татко, туку и во светот, и за влијанието кое го имаше врз реге заедницата и културата“, изјавил Мерса во една прилика.