Смртта на шведскиот диџеј Авичи го шокираше музичкиот свет минатата седмица, а дури потоа излегоа бројни информации дека Швеѓанецот имал проблеми со алкохол и депресија, но и дека бил великодушен кон хуманитарните организации, на кои и донирал милиони долари.
Авичи, чие вистинско име е Тим Берлинг, беше еден од најпопуларните диџеи на планетата, а неговите хонорари за настапи на фестивалите и журките се движеа и до 250.000 долари.
Авичи, до смртта, која се случи на 20 април, заработи околу 85 милиони долари, но голем дел од своите пари ги подари на хуманитарни организации и во тој период тој барал од неговиот тим тие информации да се чуваат во тајност.
Медиумите пишуваат дека познатиот диџеј во 2012 година на организацијата „Feeding America“ им донирал милион долари, што сега го потврди и нивната портпаролка.
Од друга страна, на шведската организација „Radiohjalpen“, во 2013 им подарил исто така милион евра.
„Дури кога почнав да заработувам многу пари, сфатив дека не ми се потребни. Кога заработувате толку многу пари кои не ви требаат, единствено исправно и човечки е да им ги давате на луѓе на кои им се потребни“, изјави Авичи во една прилика.